На прием кај градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, денес беа младите танчери од балетското студио „Марбал“, кои неодамна се вратија од Атина, Грција, како светски шампиони на интернационалниот натпревар „WADF GREECE 2025“, под покровителство на Светската федерација за уметнички танц.
Тимот, составен од деца на возраст од 8 до 12 години, се натпреваруваше во категоријата „show dance formation juniors“ и го освои првото место. Освен тоа, младите танчари постигнаа одлични резултати и во други соло категории, освојувајќи уште четири први места, две втори и две петти места.
Градоначалникот Георгиевски им честиташе на децата и изрази голема гордост што токму младите таленти од Илинден се дел од светската ѕвезди во уметничкиот танц. Тој нагласи дека општина Илинден секогаш ќе стои зад младите надежни уметници и ќе ја продолжи својата поддршка за развој на детскиот и младинскиот потенцијал во сите области.
– Горд сум што нашите млади сограѓани ја претставуваат општина Илинден на светско ниво. Општината ќе продолжи активно да ги поддржува сите форми на културно и уметничко изразување, изјави градоначалникот Георгиевски.
Општина Илинден останува посветена на развојот на културата и уметноста, вложувајќи континуирани напори за поттикнување и афирмација на младите таленти.