Денеска го посетив сензорниот центар во градинката „Росица“ – објект Пампурче, прв од ваков вид во државата кој беше отворен пред неколку месеци. Овој центар веќе активно функционира, овозможувајќи практична работа за студентите од 3 и 4 година на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет, под раководство на проф. д-р Оливера Рашиќ Цаневска, објави Александар Стојкоски, градоначалникот на општина Ѓорче Петров, на својот фејдбук профил.
Студентите секој вторник работат директно со дечињата кои имаат пречки во развојот, со цел да се поттикне нивното понатамошно интегрирање во образовниот процес. Во овој центар континуирано се работи и веќе се видливи првите подобрувања на состојбата кај децата со пречки во развојот, потенцира во објавата.
Општина Ѓорче Петров постојано вложува во создавање подобри услови за најмладите, поддржувајќи ги децата, родителите и вработените во градинките, со цел заедничко надминување на предизвиците, додаде во објавата.
Сензорниот центар е уште еден доказ за нашата посветеност – мал чекор за нас, а огромен за иднината на нашите најмлади жители! Нашите планови се зголемување на вакви капацитети и во други објекти во иднина со цел овозможување добри услови за претшколска возраст за сите наши жители, објави Стојкоски.