Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски и директорката на градинката „Росица“, Даниела Темелкова денеска во клонот „Пампурче“ во населба Даме Груев го пуштија во употреба сензорниот центар наменет за деца со попреченост, прв центар од ваков вид во објектите наменети за претшколска возраст во Република Македонија.
Центарот е опремен со околу 60 елементи за изведување на оваа настава. Елементите ќе се користат како нагледни средства во директна работа со децата.
-Поради се поголем број дечиња со попреченост во градинките, помошните простории кои претходно се користеле како помали простории за деца со попреченост во градинката „Пампурче“ се пренаменети и искористени за изградба на нов сензорен центар со три простории, и секоја просторија е со различна намена – информираше градоначалникот Стојкоски.
Во рамки на центарот има просторија за сензорна интеграција и сетилна соба, а се опремува и кабинет за психомоторни вежби за дечињата.
Со овој центар значително ќе им се помогне на децата за полесно интегрирање во основното оразование и се тоа во соработка со родителите и воспитно-образовниот кадар – изјави Стојкоски.
Воедно, како што додаде, овој центар ќе придонесе и за правилен развој не само кај децата со попреченост, туку и кај останатите дечиња од најрана возраст и сите заеднички ќе ги користат придобивките.
Овој сензорен центар опремен со три простории е прв од ваков тип во земјата.
Општина Ѓорче Петров ќе продолжи посветено да работи на подобрувањето на условите во сите детски градинки во општината, како и на опремување на нови вакви простории кои ќе бидат од помош на дечињата, заврши Стојкоски.