Најмалите од Јака во Општина Илинден добија уште едно детско игралиште кое денеска беше пуштено во употреба, а изградено е со поддршка од Пекабеско, во насока на одбележување на јубилеј од 45 години постоење на оваа општествено одговорна компанија.
Новото детско игралиште денес го посетија градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски и директорот на Пекабеско, Слободан Кутревски.
Градоначалникот Георгиевски истакна дека ова е второ детско игралиште во Јака, па така децата и од овој дел на населбата добија ново катче каде ќе можат да го поминуваат слободното време во игра и забава. Градоначалникот додаде дека преку реализацијата на овој проект, Пекабеско уште еднаш покажа дека е општествено одговорен член на заедницата.
Директорот, Слободан Кутревски изјави дека ова е еден убав повод, каде во рамки на одбележувањето на јубилејот 45 години Пекабеско е изградено детското игралиште. Во соработка со Општината, Пекабеско донираше финансиски средства со кои се овозможи изградбата на ова детско игралиште кое ќе претставува катче за забава, игра и рекреација на најмладите жители од оваа општина. Децата и најмладите се нашиот најголем приоритет и заслужуваат најдобри услови за раст и развој.
Детското игралиште е опремено со детски реквизити како лизгална, форми на коњчиња, клацкалки, лулашка, клупи, канти за отпадоци за почиста и поубава средина, како и партерно уреден простор со павер елементи.