Општина Илинден продолжува да ја спроведува акцијата за пошумување во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“. Оваа иницијатива подразбира засадување на што е можно повеќе дрвја во урбаните делови на oпштината.
Во изминатиов период се засадени околу 120 садници на различни локации низ општината. 40 се овошни садници (јаболки, цреши и праски), донација од компанијата „МЕН ЕНД МАУНТЕН ДОО – Скопје“, засадени низ училиштата и во градинката во Општина Илинден. Со оваа еколошка иницијатива Општина Илинден го продолжува своето активно учество во реализација на наративот ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД кој гласи: „Да се собере отпадот од минатото и да се рециклира со зелена перспектива, за нас и за идните генерации во нашата земја!“
Останатите 80 садници се декоративни (црвен јавор, каталпа, јапоснска цреша и зимзелени туји), и беа засадени низ парковите и како дрвореди во општината. Овие дрвја освен што ќе придонесат за уредување на јавните површини, ќе создадат пријатна и здрава средина за одмор и за рекреација на граѓаните, исто така ќе помогнат и во прочистување и подобрување на квалитетот на воздухот.
Во садење на дрвцата заедно со учениците, учествуваше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека целта на проектот „Зелена Општина Илинден“ е да се обогати визуелниот изглед на општината, но уште поважно, да се подобри животната средина, да се намали загадувањето на воздухот и да се зајакне еколошката свест меѓу граѓаните. „Со тоа што голем дел од овие садници се засадени токму во училиштата, ги учиме младите за важноста на природата и неопходноста да ја чуваме.“ – истакна градоначалникот Георгиевски.
Проектот продолжува да се реализира. А како следни активности, освен засадување нови и грижа за веќе засадените растенија, ќе се воведат и нови едукативни иницијативи за локалното население на Општина Илинден.