Приватните превозници постигнале договор со ЈСП и повторно ќе возат, откако денеска им биле префрлени 80 проценти од долгот или 40 милиони денари за пакет 1. Според Оливер Петрушевски, приватен превозник од пакет 1, некои од колегите веќе се на линиите низ Град Скопје.
– Двата пакети, пакет 1 и пакет 3, кои сабајле возеа само по една тура, сега колегите се активираат од гаражите за да почнат да возат и да ги опслужуваме граѓаните на Град Скопје, изјави Петрушевски.
Петрушевски, исто така, посочи дека веќе има некои разговори и за цената на километарот и повика тоа да биде разговарано на следната седница на Советот на Град Скопје.
-Очекуваме на првата седница на Град Скопје да биде ставена како точка на дневен ред. Советниците на Град Скопје ќе мора да одлучат дали ќе ги прифатат нашите барања за километарот да биде рентабилен и да можеме во иднина да го обновиме возниот парк и да ги плаќаме шоферите со подобра плата за да не ни бегаат, посочи Петрушевски.
Прашан дали протестот е дело од политичките превирања во градската власт, Петрушевски рече дека, не се политички во ниту еден поглед и дека само си ги бараат своите пари.
– Два месеци досега возиме наизменично и прва и трета смена, но сега дојдовме во ситуација едногласно сите колеги, дека нема средства за да продолжат да возат. Немаше што да правиме и мораше да застанеме, изјави Петрушевски.
Дел од приватните автобуси претходно се заканија дека денеска ќе сообраќаат по само една смена, од пет часот, односно дека еден автобус ќе вози само една тура, на една линија и тоа на автобусите со број 45, 23, 63, 73, 61, 63, 22, 52, 54, 19 и 20.