Денеска низ светот се празнува Светскиот ден на слоновите, но за жал ние оваа година го дочекавме без нашата омилена бабичка Дуња. Во нејзин спомен, сакаме да ви ја раскажеме нејзината животна приказна, а денес ќе започнеме со нејзиниот живот во циркус, посочуваат денес од скопската Зоолошка градина.
Приказната прочитајте ја во продолжение:
Слоницата Дуња во официјалните документи стои дека е родена во 1969 година (односно тогаш пријавена од циркусот), но бидејќи не се знае точно кога била грабната од природа, нејзината возраст се претпоставува дека беше околу шеесетина години.
Во просек индиските (азиски) слонови живеат околу 48 години, а наша Дуња дочека длабока старост со околу 60 години. Во Скопје ЗОО добиваше љубов од сите вработени, а на денот кога не напушти и најсилните пуштија многу солзи.
Карактеристична по тоа што беше дел од Гинисовата книга на рекорди како најголема азиска слоница во Европа, но и еден од најстарите слонови, нејзиниот живот од бебе не бил воопшто лесен.
Во тој период, криумчарењето на диви животни за употреба во циркус било големо и ја имала таа несреќа од Азија да биде мета на трговци кои ја продале на сопственик на циркус по име Џони Мај Френк. Во 1988 година, Дуња со него била во циркусот Карл Буш, а заедно со слоницата живеел и африкански слон по име Таи, како и нашата втора слоница Даела.
Поради доминатноста на Дуња, Таи во 2005 година бил однесен во Сафари Парк, а пријателството на Дуња и Даела успеало да опстои и во тие сурови циркуски услови патувајќи во вагони низ студени краишта. Во јули 2011 година, двете слоници побегнале од циркусот во Хановер, за подоцна да бидат најдени како уживаат частејќи се костени од околните дрва. До смртта на Џони Меј Френк во 2012 година, Дуња и Даела патувале со неговиот циркус Меј. Подоцна биле превземени од шведскиот циркус Максимум на сопственикот Антон Френк и патувале низ Германија, Данска, Шведска и Норвешка.
Исцрпувачкиот циркуски живот кој постојано ги носел од еден до друг град, оставил многу трауми врз слоновите. Во мај 2013 година, Дуња ја уништила гардеробата во циркусот, џвакајќи ги и алиштата на посетителите.
Во 2015 година, кога се носи закон за забрана на експлоатација на диви животни во циркуски точки, Дуња и Даела се префрлени во Pairi Daiza во Белгија, неколку години по ред прогласувана за Најдобра зоолошка градина во светот.
Од Зоо Скопје посочуваат: „За следен пост посветен на нашата Дуња ја оставаме приказната за нејзиниот живот во Белгија и доаѓањето во Скопје. Дуњичка, или Дуци како што те викавме нагалено, неизмерно ќе ни фалиш на сите, а и на твојата другарка Даела со која поминавте цели 35 години заедно и во добро и во зло“.