Скопје обука

Општина Ѓорче Петров продолжува со борбата против насилството меѓу учениците – обука за превенција во ООУ „Мирче Ацев“

Во нашата заедничка борба против насилството, наставниците се на првата линија и нивната улога е клучна во обезбедувањето на безбедна учебна средина“, изјави градоначалникот Стојкоски.

Општина Ѓорче Петров продолжува со борбата против насилството меѓу учениците – обука за превенција во ООУ „Мирче Ацев“

Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Стојкоски продолжуваат да вложуваат во образованието и безбедноста на учениците, имајќи ја во предвид важноста на воспитанието како столб на секое општество. Во оваа насока, денес во просториите на ООУ “Мирче Ацев”, се одржа обука на тема “Превенирање на насилното однесување меѓу учениците во основните училишта”. Обуката беше реализирана во соработка со Институтот за европски образовни, социо-културни и економски политики “Европа за тебе” од Скопје и на неа учествуваа сите наставници од училиштето.

Насилството меѓу учениците е сериозен проблем којшто општеството го носи со себе веќе во последнава деценија, а особено воспитните и образовните институции се на првата линија на одбрана. Како најголеми носители на воспитните вредности, наставниците играат клучна улога во спречувањето на насилството и создавањето на безбедна учебна средина.

Обуката на наставниците беше наменета за стекнување нови знаења и вештини за ефективно справување со насилството и насилното однесување. Професорите и стручни лица, Проф. д-р Ана Фрицханд и Проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, им понудија на учесниците нови методи за превенција и стратегии кои ќе ги применуваат во секојдневната работа.

„Со оваа обука, Општина Ѓорче Петров продолжува со својата посветеност на справување со насилството во училиштата. Вложуваме во едукацијата и безбедноста на нашите деца како важен дел од стратегијата за создавање безбедна и позитивна средина. Во нашата заедничка борба против насилството, наставниците се на првата линија и нивната улога е клучна во обезбедувањето на безбедна учебна средина“, изјави градоначалникот Стојкоски.

По завршувањето на обуката, учесниците ќе добијат сертификати за учество, кои ќе им помогнат да ги применат новите знаења и стратегии во својата наставна практика. Општина Ѓорче Петров и понатаму ќе продолжи да организира слични настани и да инвестира во образованието како фундамент за подобро и посигурно општество.

To top