Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска присуствуваше на настан во Зоолошката градина организиран по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром.
Град Скопје информира дека на настанот, реализиран во соработка со здруженијата „Видлива поддршка“ и „Трисомија 21“, беа засадени дрвца како симбол на животот, растот и надежта.
-Со оваа симболична активност се испрати порака за важноста на прифаќањето, еднаквоста и поддршката за лицата со Даунов синдром, како и за потребата од градење општество без бариери. Засадените дрвја претставуваат траен потсетник дека секое дете заслужува љубов, почит и можност да го достигне својот потенцијал, се наведува во соопштението.
Град Скопје нагласува дека останува посветен на унапредување на инклузивните политики и создавање средина во која различностите се прифаќаат како вредност, а не како пречка.
-Преку вакви иницијативи се зајакнува свеста за значењето на солидарноста, емпатијата и заедничката одговорност во градењето похумано и праведно општество за сите, соопшти Град Скопје.