Од денес, ООУ “Невена Георгиева Дуња” е првото основно училиште на Балканот, целосно опремено со пречистувачи на воздух. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Генералниот директор и основач на ЕКОТИП, Илија Андреевски, денес го посетија овој училишен објект. Таму, во секоја училница е поставен по еден пречистувач од реномираниот германскиот бренд Mann+Hummel, дизајниран да обезбеди 100-процентна заштита од вируси, бактерии, полен и други микроорганизми. Се работи за вредна донација од општествено одговорната компанија ЕКОТИП, со која Општина Кисела Вода склучи стратешко партнерство и започна заедничка кампања за имплементирање на најсовремени иновативни еколошки решенија. Едновремено, донацијата опфаќа и дополнителни пречистувачи за воздух за надворешна употреба кои се поставени во парковите, каде има најголем фреквенција на луѓе.
-Како дел од нашата посветеност за подобрување на условите за учење и здравје на нашите деца, тука сме да промовираме проект во ООУ “Невена Георгиева Дуња”, каде од денес сите училници ги опремивме со пречистувачи на воздух. Се работи за пренослив систем за пречистување на воздух дизајниран да ги задржува 99.99% од вирусите, бактериите, поленот и другите микроорганизми, со што се обезбедува чистота на воздухот, идеална дури и за операциона сала. Пречистувачите се од реномираниот германскиот бренд Mann+Hummel, компанија со осумдесет годишно искуство во областа на филтрацијата. Сакам да се заблагодарам на македонската компанија ЕКОТИП која покажувајќи огромна општествена одговорност, ја обезбеди оваа значајна донација. Истата се реализира како резултат на неодамна склученото стратешко партнерство меѓу нас и почетокот на заедничка кампања за имплементирање на најсовремените иновативни еколошки решенија. Партнерството подразбира и кампања за менување на јавната свест и создавање здрави еколошки навики и заштита на нашето здравје и здравјето на идните генерации.
Донацијата се состои и во дополнителни 5 пречистувачи за воздух за надворешна употреба, позиционирани во парковите, кои се најфреквентни локации и ќе овозможат заштита на здравјето на бројните посетители.
Се надеваме дека оваа иницијатива ќе биде пример за другите општини и за Градот Скопје и дека ќе поттикне зголемена свесност за значењето на чистиот воздух за нашето здравје и квалитетот на живот. Општина Кисела ќе продолжи да работи на проекти кои имаат за цел да ја подобрат животната средина и да ја зголемат благосостојбата на сите наши граѓани.
Во истата насока, сакам да потсетам, дека ние, како локална самоуправа ставивме во функција две мерни станици за квалитет на воздухот, едната во паркот Македонија, а втората од неодамна е поставена во кругот на АД Цементарница. Резултатите се видливи во секој момент на општинската веб страница-изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
-Посебно ми е драго што нашата компанија ЕКОТИП има можност да покаже општествена одговорност токму во ова училиште, бидејќи и самиот сум роден во Кисела Вода и основното образование го завршив во основното училиште “Невена Георгиевa Дуња“. Имајќи во предвид дека навиките се создаваат од најмала возраст, донираме 20 пречистувачи за воздух, односно по еден за секоја училница. Првите 20 пречистувачи се тип OurAir SQ 2500 и се пренослив систем за прочистување на воздух дизајниран да ги задржува 99.99% од вирусите, бактериите и другите микроорганизми присутни како аеробна честичка во воздухот обезбедувајќи безвирусен, безбеден воздух во речиси секое внатрешно опкружување. Еден уред OurAir SQ 2500 ефикасно го прочистува воздухот во просторија до 200 м², приближно пет пати на час обезбедувајќи чистота на воздухот идеална за училници, градинки, медицински ординации, канцеларии, малопродажни продавници, ресторани, теретани итн. Донацијата опфаќа и прочистувачи за воздух за надворешна употреба, кои општината одлучи да ги постави во пет различни паркови, односно нна локациите каде што има најмногу раздвиженост во текот на денот- изјави Илија Андреевски, Генерален директор и основач на ЕКОТИП, компанија која преку иновативниот пристап, соработката и стратешките партнерства со реномирани светски hi-tech компании, во изминатите 26 години успеа да се позиционира не само како водечка домашна компанија, туку и во поширокиот регион, нудејќи најсовремени иновации и опрема во областа на филтрација на воздух, филтрација на вода и течности, трансмисија и трансмисиони елементи, процесен инжинеринг и софистицирана опрема и решенија во областа за производство на соларна енергија (фотоволтаици), како и дистрибуција на материјали од нерѓосувачки челик, алуминиум, опрема за заштита при работа и трговија со масла и мазива.