Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски очекува наскоро да се донесат измените на законите за локална самоуправа и за комуналната полиција и тие да бидат во интерес на граѓаните за добивање на подобра и пофункционална локална власт.
– Има работни групи коишто интензивно работат на донесувањето на измените на Законот за локална самоуправа и на надминување на проблемот којшто сега постои согласно законските регулативи. Работната група од ЗЕЛС во соработка со Министерството за локална самоуправа во наредниот период ќе ја вклучи во целиот процес и експертската јавност. Сметаме дека не е доволно да направиме решение на краток рок, туку нас ни треба темелна реформа за и оние што ќе дојдат после нас да не се соочуваат со проблем како што се соочуваме ние сега во моментот, но пред се тоа да биде во интерес на граѓаните. Сите ние сме избрани од граѓаните и треба се да биде исклучиво нивни во интерес, рече Ѓорѓиевски во одговор на прашање пред почетокот на денешното Генерално собрание на ЗЕЛС.
Нагласи дека најалармантна е состојбата во Град Скопје која, како што кажа, била причината што го навела ЗЕЛС да побара измени на Законот.
– Ова не е лично мој предлог, ова е предлог иницијатива на ЗЕЛС која што се надевам се ќе промени. Ние сме апсолутно свесни дека со тоа моќта на градоначалниците повторно се враќа во рацете на граѓаните и така треба да функционира овој систем. Сите градоначалници знаеме дека граѓаните се најголем суверен, но ја даваат поддршката и никој не може да ве отповика доколку не функционира општината и доколку не работите во интерес на граѓаните. На овој начин градоначалникот ќе знае дека како што ја добил поддршката од граѓаните, ќе може истите тие да му го одземат мандатот. И тоа е единствен правилен начин да имаме функционални локални самоуправи и градоначалници коишто исклучиво ќе бидат водени од интересот на граѓаните, потенцира Ѓорѓиевски.
Прашан кој би го организирал отповикувањето, Ѓорѓиевски рече дека негов личен став е тоа да не се прави преку Советот на општината.
– Отповикувањето ќе произлегува од волјата на граѓаните. Ќе видиме до крајот како ќе се одвиваат сите процеси, но според мене, тоа е мојот личен став. Јас не велам дека е тоа став на сите мои колеги, не е добро тоа да се случува во рамките на Советот затоа што тогаш се остава простор за манипулирање, се остава простор за групирање, злоупотреби итн., што значи се што произлегува од граѓаните треба повторно да биде вратено во граѓаните, појасни Ѓорѓиевски.
ЗЕЛС како што посочи веќе има изработено и Предлог-закон за комунална полиција.
– Веќе имавме средба со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а во текот на утрешниот ден имаме координативен состанок каде меѓу останатите точки ќе го разговараме и ова и верувам дека во скора иднина ќе биде донесено и тоа законско решение. Инициравме и промена на глобите коишто во моментов се минимални, изнесуваат од 50 до 200 евра. Ние бараме минималната глоба, особено за оние создавачи на диви депонии да биде од 4 до 6 илјади евра и да постои можност службите од општината да го запленат и возилото па подоцна да си биде предадено на МВР, рече Ѓорѓиевски.
Смета дека за овие измени ќе има апсолутна поддршка од сите, зашто, како што вели, заради 1, 2, 3 или 5 проценти од населението кое функционира несовесно се доведуваме во состојба да страда целата населба, целото населено место, целата општина дури и целата држава.