Во просториите на Дом на култура „Илинден“, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски и оваа година додели Решенија за еднократна финансиска поддршка за спортисти кои се жители на Општина Илинден.
Градоначалникот Александар Георгиевски истакна дека продолжува поддршката за спортистите од општината и во иднина, а целта е да се наградат тие кои оствариле големи успеси во делот на спортот, како и да се стимулираат останатите за постигнување големи победи на спортските натпревари.
Градоначалникот додаде дека оваа мерка содржи повеќе категории, а износот кој го доделува Општината како финансиска поддршка изнесува, за прва категорија во висина до 130.000,00 денари, втора категорија во висина до 120.000,00 денари, трета категорија во висина до 90.000,00 денари, четврта категорија во висина до 60.000,00 денари и петта категорија во висина до 30.000,00 денари, додека за младинските категории 50% од предвидените суми.
-Грижата и поддршката на индивидуалните и клубските спортисти ќе биде секогаш приоритет на Општина Илинден, истата ќе продолжи и во наредниот период со доделување на финансиска поддршка. Општина Илинден покрај поддршката на спортистите од овој вид на субвенционирање, преку Програмата за спорт финансиски ги поддржува и спортските клубовите на нејзина територија. Исто така вложува во обезбедување на одлични и најсовремени услови во спортската инфраструктура со реконструкција на постоечките и изградба на нови терени, овозможување на бесплатно користење на спортските објекти, како и поддршка на многу спортски настани кои се одржуваат во општината, но и надвор од неа, велат од општината.