Премиера 20:00
Гледај во живо
Вести

Сиљановска-Давкова: Родово одговорното буџетирање е системско решение за општествените потреби

При секое планирање на државниот буџет мора да се има предвид родовата димензија, ако сакаме да бидеме просперитетни, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на отворањето на меѓународниот форум „Одиме Глокално 2.0: Одржлива родово одговорна иднина, што денеска и утре се одржува во Скопје.

Сиљановска-Давкова: Родово одговорното буџетирање е системско решение за општествените потреби

При секое планирање на државниот буџет мора да се има предвид родовата димензија, ако сакаме да бидеме просперитетни, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на отворањето на меѓународниот форум „Одиме Глокално 2.0: Одржлива родово одговорна иднина, што денеска и утре се одржува во Скопје.

За неа, родово одговорното буџетирање е трансформативен инструмент, како системска промена на начинот на којшто државата ги гледа, ги разбира и ги решава општествените потреби.

Претседателката истакна дека родовата еднаквост и климатската отпорност се темел на иднината, а одржливите решенија за овие предизвици ќе бидaт од суштинско значење за владите, како и за општествата во целиот регион.

Таа ја нагласи и важната улога на граѓанските организации, локалните власти и руралните заедници, коишто се на првата линија на адаптацијата кон климатските промени и справувањето со нив.

Според претседателката, родово одговорното буџетирање не е само техничка процедура, туку алатка за добри политики и добро буџетирање, креирани во транспарентна постапка со отчетност и правичност во јавната потрошувачка.

Сиљановска-Давкова смета дека како мала економија не можеме да си дозволиме луксуз на непланирано трошење и изрази очекување за институционализација и примена на родово организираното буџетирање.

На настанот, организиран од Мрежата за родово одговорно буџетирање и Центарот за истражување и креирање политики, се обратија и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, заменик-амбасадорката на Шведска, Елизабет Далберг Фриск, Андреј Лепавцов, директор во Директорат за Европска Унија во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Марија Ристеска, регионална директорка на Мрежата за одговорното буџетирање.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани амбасадори,

Претставници на меѓународните организации,

Членови на Мрежата за родово одговорно буџетирање,

Претставници на граѓанските организации,

Експерти и гости од повеќе од 20 земји,

Навистина ми е голема чест да видам што македонската држава е домаќин на второто издание на форумот „Going Glocal“. Знам дека е организиран од Мрежата за родово одговорно буџетирање, за мене, исто така, позната како регионална платформа којашто создава амбиент на дијалог, но и на аргументирана дебата. Обете се насочени кон иднина во којашто родот, климатските предизвици и јавните финансии ќе се разгледуваат in medias res, односно во сржта на јавните политики ќе биде.

Најпрво, да, бидејќи јас голем дел од животот го поминав во Советот на Европа, ќе почнам од него. Советот на Европа го дефинира родово одговорното буџетирање како задолжително вклучување на родовата перспектива во сите фази на буџетскиот циклус. За мене, тоа не е техничка процедура, туку е алатка за подобро креирање политики коишто ќе се носат во транспарентна постапка и ќе содржат во себе отчетност и правичност во јавната потрошувачка.

Значи, родово одговорното буџетирање е изразито трансформативен инструмент, оти значи системска промена во начинот на којшто државата ги гледа, ги разбира и ги решава општествените потреби.

Затоа, јас повеќе сакам да зборувам дека родово одговорното буџетирање е всушност добро буџетирање. The same is when we use the syntagm “good governance” – it’s the same, бидејќи ги разоткрива нееднаквостите скриени зад буџетските линии и овозможува реална проценка и поправедна распределба на јавните средства за потребите и на жените и на мажите.

Знам дека сме држава со ограничен фискален простор, но со сериозни реформски обврски и затоа мислам дека паметните evidence-based jавни финансии не се избор, туку се наша обврска. Водена од оваа логика, како пратеничка го поддржав усвојувањето на амандманите поднесени од Центарот за истражување и креирање политики со коишто во 2022 година се отвори патот кон системско интегрирање на родовата перспектива во планирањето и во извршувањето на буџетот, а сигурна бев дека Марија добро знае што предлага, бидејќи еве, јавно ќе кажам, Марија е една од првите којашто зборуваше за јавна политика и јавна вредност како моја докторантка. Свесна сум дека имплементацијата е сè уште нецелосна, токму правото прашање беше што стана со амандманот и затоа, граѓанската заедница ја гледам како исклучително важен партнер на Владата во исполнувањето на обврските коишто произлегоа од реформата.

Ме радува што македонското граѓанско општество активно придонесува во регионалната коалиција со над 100 членки во Мрежата за родово одговорно буџетирање. Цврсто верувам дека преку неа ќе продолжиме да учиме едни од други, да разменуваме добри практики и да го унапредуваме управувањето со јавните финансии во регионот.

Посебно го ценам вашиот придонес за креирањето кредибилни надзорни истражувања за Западен Балкан и за Молдавија, како и за поставувањето на темата за добро буџетирање високо на политичката агенда во регионот.

Како претседателка, ја вреднувам вашата работа и особено заложбата за редистрибуција на јавните финансии, заснована на докази. Уверена сум дека се работи за инвестиција во поотпорни институции и во буџет што навистина ќе ги одрази потребите на сите граѓани, без исклучок, во духот на уставните темелни вредности: правичност и еднаквост.

Овој форум ја истакнува темата, а тоа го проверив во материјалите, за којашто знаеме дека не е родово неутрална, а е од суштинско значење за нашата иднина, мислам на климатската криза. Факт е дека жените и мажите се соочуваат со различни типови на ранливости: во земјоделството, во транспортот, во здравството или при справувањето со катастрофите. Затоа, ефективната климатска политика бара длабоко разбирање и почитување на овие разлики. Ако не ги анализираме улогите, потребите и ограничувањата коишто произлегуваат од родовите норми, ризикуваме климатските мерки непланирано да создадат уште поголеми нееднаквости, тоа го видовме за време на КОВИД-от.

Пред вас и пред мене се важни прашања: Како да се креираат климатски и родово одговорни капитални инвестиции? Како да се подобри женското учество во зелените економии? На кои сектори треба да дадеме првенство или во кои сектори треба првенствено да се насочи родово и климатски сензитивното буџетирање? Како да градиме култура на институционална отчетност? Како да се искористат податоците, дигиталните алатки и индикатори за следење на напредокот?

За мене, важно е што на форумот, во духот на глокализацијата, ги спојувате глобалните искуства со локалните предизвици, заедно со локалните власти, заедно со руралните заедници и заедно со граѓанските организации, всушност оние што се на првата линија на адаптацијата кон климатските промени и справувањето со нив.

Го поздравувам учеството на владите, на општините, на регионалните организации, на меѓународните партнери и на приватниот сектор. Мислам дека вашето присуство испраќа јасна порака дека климатската отпорност е заедничка одговорност.

Да потсетам, македонската држава не само што презеде амбициозни обврски за намалување на јаглеродниот отпечаток до 2030 година, туку е и пионер во означувањето на буџетските средства коишто се релевантни за климатските промени.

Затоа ве охрабрувам овој форум да го искористите како вистинска можност за аргументирана дискусија за: ограничената фискална предвидливост, слабата реализација на родово рамноправни програми и недостигот од податоци за информирано климатско планирање, изразените разлики меѓу руралните и урбаните средини, како и бариерите со коишто се соочуваат жените при учеството во буџетските процеси и при пристапот до зелени работни места.

Малите економии, како нашата, не можат да си дозволат луксуз на непланирано трошење. Затоа, граѓанските организации може да бидат структурен столб на нашите реформи бидејќи поседуваат експертиза, бидејќи имаат теренско знаење, а најмногу заради независниот надзор со чиј ангажман се гарантира интегритетот на реформите.

Посакувам и очекувам: институционализација на родово организираното буџетирање; инвестирање во обука на администрацијата за аналитика, статистика, родови политики, климатска адаптација; јакнеење на локалната самоуправа; изработка на родови и климатски анализи за секој капитален проект; развивање национални бази на податоци за родови и климатски индикатори; стратегиски дијалог меѓу државата, граѓанскиот сектор и приватниот сектор за одржливи политики и креирање модел за интегрирано буџетско означување односно (клима + род) како регионален пример.

Да сумирам: родовата еднаквост и климатската отпорност се темелот на одржливата иднина! Во тоа сум цврсто убедена.

Пронаоѓањето одржливи решенија за овие предизвици ќе биде од суштинско значење за владите, но и за општеството во целиот регион, истакна Сиљановска-Давкова.

To top