Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска ги повика сојузниците да ги засилат одбранбените напори за да ја спречат војната што ја води Русија, која би можела да биде „со размери на војните од минатите генерации“.
Како што пренесе Бета повикувајќи се на Ројтерс, Руте во говор во Берлин рече дека премногу сојузници на воениот сојуз не ја чувствуваат итноста на руската закана во Европа и оти треба брзо да се зголемат трошоците и производството за одбрана за да се спречи војна од размери што ги виделе минатите генерации.
– Ние сме следната мета на Русија. Се плашам дека премногу од нив се тивко самозадоволни. Премногу од нив не ја чувствуваат итноста. И премногу од нив веруваат дека времето е на наша страна. Не е. Време е за акција, и тоа сега, рече Руте.
Генералниот секретар на НАТО рече дека конфликтот е на прагот на Европа.
– Русија ја врати војната во Европа. И ние мора да бидеме подготвени, додаде тој.
Руте наведе дека Русија би можела да биде подготвена да употреби воена сила против НАТО во рок од пет години.