Заврши асфалтирањето на новиот кружен тек на улицата „Генерал Михајло Апостолски“ кај зградата Порта пролет во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека во наредните денови ќе се постават и канделабри за целосно осветлување.
-Денес се работи на сообраќајното решение на кружниот тек кај паркот Кртеќе. Се нанесува вториот асфалтен слој и очекувам во текот на денот да биде завршена оваа позиција, а во наредните денови да се постават предвидените канделабри за целосно осветлување и обележување на потребната сообраќајна сигнализација. Со тоа ќе се овозможи побезбеден сообраќај на овој дел од градот и сите учесници во сообраќајот да имаат поголема прегледност и безбедност. Некаде околу 10 милиони денари се инвестирани од буџетот на општината за реализирање на ова решение, кое што води до Клиничката болница и околните места од овој дел од градот, изјави Јорданов.
По завршувањето со активностите на кружниот тек, предвидени се работни активности за изградба на конзоли на реката Отиња, но и проширување на коловозот од Трговскиот центар до плоштадот „Слобода“.