Република Пошумување на споменикот на природата „Маркови Кули“

Засадени 6.000 садници на даб: Голема акција за пошумување во Прилеп

Покрај садниците, Општина Прилеп обезбеди и значајна опрема за идни акции, меѓу кои: Трактор, 25 дупчалки за садење и околу 100 парчиња друг алат.

Засадени 6.000 садници на даб: Голема акција за пошумување во Прилеп

Во рамки на проектот Пошумување на споменикот на природата „Маркови Кули“, финансиран од Бирото за регионален развој, а како дел од одбележувањето на Денот на пролетта, денеска беше реализирана голема акција за пошумување на еден од најзначајните природни локалитети на подрачјето на Општина Прилеп.

Дел од локалитетот Маркови Кули, кој се наоѓа над новите градски гробишта на патот за Трескавец, беше пошумен со 6.000 садници на даб, согласно стручните прописи за зачувување на заштитеното природно наследство.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, нагласи:

„Видот на садниците е определен согласно прописите кои ги налагаат од Институтот за старословенска култура, кои се задолжени за одржување на изгледот на овој споменик на природата и она што значи заштитено културно наследство овде на територија на општина Прилеп. Сметам дека ова е начинот на кој треба секој Ден на пролетта да се одбележи, и во иднина се почести да бидат ваквите акции за пошумување на природата.“

Заменик‑директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов, истакна:

„Мене ми е навистина мило тоа што го гледам овде. Секоја им чест за Општината и ЈКП „Комуналец“, кои го организираат ова што го гледате денес и ден претходно. Најголемо задоволство ми прави тоа што гледам и најмали дечиња кои се одзваа на поканата на Општината, со своите родители да дадат еден придонес кон ова што треба да биде слика во цела Македонија.“

Проектниот координатор Гоце Бојкоски додаде:

„Сакаме да упатиме еден апел до сите граѓани на Општина Прилеп да се охрабрат и во иднина да организираат се повеќе вакви акции за пошумување, а Општина Прилеп и ЈП Комуналец и опремата која веќе ја имаме набавено ќе им стојат на располагање заедно да ги сработиме сите тие работи.“

Покрај садниците, Општина Прилеп обезбеди и значајна опрема за идни акции, меѓу кои: Трактор, 25 дупчалки за садење и околу 100 парчиња друг алат.

Оваа опрема во иднина ќе им биде на располагање на сите граѓани и доброволци кои сакаат да се вклучат во активности за пошумување и унапредување на животната средина.

Во акцијата активно учествуваа претставници на Локалната самоуправа, општинските јавни претпријатија, училиштата, државни институции, „Македонски шуми“, ЈКП „Комуналец“ – Прилеп и голем број волонтери и здруженија на граѓани.

-Општина Прилеп изразува искрена благодарност до сите кои што се вклучија за нивната несебична поддршка и учество во реализацијата на оваа значајна еколошка иницијатива. Ова беше уште една успешна активност што ја зајакнува заедничката грижа за природното богатство на нашата Општина и ја поттикнува одржливата грижа за животната средина, велат од општината.

To top