Република распределба

За 47 социјални станови во Дебар, доставени 85 барања

Барањата со потребната документација денеска се доставени до соодветната комисија во Министерството за транспорт.

За 47 социјални станови во Дебар, доставени 85 барања

На објавениот оглас на Министерството за транспорт, за распределба на 47 социјални станови во Дебар, до определениот рок, 30 март, доставени се 85 барања.

-До крајниот рок, до службите на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Дебар, доставени се 85 барања. Станува збор за распределба на 47 социјални станови со површина од 34 до 54 квадратни метри, изјави за МИА, Арлинда Муладаути-Телќиу, директорка на Центарот.

Според неа барањата со потребната документација денеска се доставени до соодветната комисија во Министерството за транспорт.

Распределбата на становите, посочи таа, ќе биде согласно методологијата за бодирање на кандидатите и порачува дека становите ќе бидат распределени на фер и транспарентен начин.

Додава дека објектот, кој се наоѓа на улица „Нормална е Елбасанит” е изграден по Програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Северна Македонија, а согласно рамковниот договор за заем склучен меѓу Банката за развој при Советот на Европа и Република Македонија.

Потсетува дека барање за добивање на социјален стан за користење под закуп можеше да поднесе лице, државјанин на Република Северна Македонија, со постојано место на живеење во општината, како и лице кое е без стан во лична сопственост, на брачниот другар и на полнолетните членови на неговото заедничко домаќинство на територијата на државава, а да припаѓа на категориите кои беа наведени во огласот.

– Поконкретно, корисници на социјални станови може да бидат следните категории на граѓани кои се станбено необезбедени и тоа деца без родители или родителска грижа – лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители, корисници на правото на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни-природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта, нагласува директорката.

Барања, како што рече, можеа да достават и лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, како и лица припадници на ромската заедница.

Ова е втора станбена зграда со социјални станови во градот. Првата беше изградена и становите распределени пред повеќе од две децении. (МИА)

To top