Спанаќ, морков, марула, кромид и лук се првите раноградинарски култури кои веќе се садат и на отворено во југоисточниот регион. Земјоделците велат дека иако пролетната сеидба е во тек, треба да се внимава на ниските утрински температури кои може да создадат проблеми за посевите на отворено.
– Што се однесува до контролираното производство условите се добри, со исклучок на ниските утрински температури од 1 или 2 степени. Садена е раната зелка, краставица, домат. Пролетната зелка може да се сади секаде, компирот уште малку и ќе се сади, а за културите кои успеваат на топла клима дневните температури се идеални, само што навечер и наутро се спуштаат блиску до нулата. За житните култури засега е добро, бидејќи земјата има доста влага од дождовите што паднаа изминатите месеци. Нов дожд сега не е толку итен, но е добредојден во нормални рамки, вели Ристо Велков, претседател на Сојуз на синдикати на земјоделски производители.
Иако јужните краеви предничат со земјоделските активности за разлика од постудените региони, сепак земјоделците велат дека е потребно внимателно да се преземаат следните чекори, бидејќи временските услови може да изненадат.
-Високата температурна разлика меѓу утринските и дневните температури која стигнува и до 20 степени може да предизвика забавен развој и да изврши помрзнување на расадот и на готовиот производ. Што се однесува до лозјето, сега е период кога може да се изврши таканаречено зимско прскање со фунгициди и инсектициди против паразити кои презимуваат во кората на стеблото или во земјата, вели лозар од дојранскиот регион.
Слични се прогнозите и на лозарите од валандовскиот крај, кои велат дека во претходните години имале штети од наглите временски промени.
– Временските услови не се идеални, но подобри се од некои претходно што сме ги имале. Сепак климатските промени си го прават своето. Има доволно влага во земјата, може да се прави прихрана со ѓубре. Пред неколку дена имавме и слана, тоа ќе си го покаже своето и кај лозниците, но и кај овошките. Засега е добро, се чувствуваат и првите лозанки, вели Васе Пендаров, лозар од Пирава.
Според агрометеоролошката прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи засега временските услови се погодни и тоа ја овозможило и пролетната сеидба на градинарските култури во потоплите краеви.
– Во периодот по 12 март, временските услови се добредојдени за изведување на работи во поле, припрема на површините под пластеници, прихранување на есенските посеви, припрема на почвата за сеидба на рани пролетни култури итн. Времето во претходната седмица придонесе за пролетно будење на овошките, особено на коскестите видови кои вообичаено се први во јужните краишта и Повардарието како бадемот, сливата џанка и кајсијата, се вели во агрометеоролошката прогноза на Управата.
Од УХМР и натаму најавуваат ниски утрински температури во интервал од минус 2 и 3 до плус 5 степени. За дневната температура, која викендов ќе се искачи до 19 степени, од вторник се најавува опаѓање за 2 до 3 степени и делумно облачно време со повремени локални врнежи од дожд. (МИА)