Во 2025 година во Штип се продадени 330 станови, а вкупната вредност им е 19 милиони евра, покажуваат анализите на Одделението за даноци во Општина Штип.
Најголем интерес, како што вели Драган Каров од Одделението за даноци во Општина Штип, има за новите градби, но побарувачка има и за станови во постарите станбени единици. Ако до пред неколку години во Штип станови купуваа турски државјани, бидејќи студираат на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, изминатите две години становите ги купуваат иселениците и млади брачни парови од помалите градови или села во источниот регион.
-Во 2025 во Штип се продадени 330 станови од кои 214 се нова градба. Вкупната вредност на продадените станови е околу 19 милиони евра, од кои 13 милиони евра се однесуваат на новите станови. Од вкупните бројки две-третини се однесува на новите станови и тоа се становите кои се градат низ последните години, рече Каров.
Според овие податоци, во Општина Штип речиси секој ден лани се продавал по еден стан. Најголем интерес има за помалите станови. Во последните четири години, се продадени 1.250 станови. Најголема продажба е евидентирано во 2022 година кога биле продадени дури 400 станови, во 2023 бројот се намалил на 250, а во 2024 се продадени 270 станови. Цените на недвижности и понатаму се високи. Во моментот квадратен метар се продава по цена од околу 1300 евра, а според анализите не се најавува пад на цените.
-Просечната цена за продажба се движи околу 1.300 евра за метар квадратен. Бројките од претходните години покажуваат дека секоја година се зголемува просечната цена на становите и не се очекува некое намалување, изјави Каров.
Една од мерките на Владата за намалување на цената на становите во Скопје и поголемите центри во државата е изградба на нови станови во Штип, Битола, Скопје и Охрид.