Во општините Дебар и Центар Жупа во вторник, ден пред парламентарните и вториот круг од претседателските избори, правото на глас ќе го остварат 81 болно и изнемоштено лице.
Гледано одделно 71 лице се во општина Дебар, додека останатите 10 во соседната општина Центар Жупа, кои, според претседателите на општинските изборни комисии, ќе бидат посетени веднаш откако ќе биде распределен избирачкиот материјал.
– До крајниот рок, 30 април за гласање на 8 мај примивме 39 барања, кои од оправдани причини ги разгледавме денеска и сите се прифатени. Останатата бројка, односно 32 се лица чии барања беа прифатени за гласање на првиот круг од претседателските избори на 24 мај, изјави за МИА, Рилинд Хаса, претседател на Општинската изборна комисија од Дебар.
Во Единствениот избирачки список во оваа општина запишани се 19.334 гласачи, а ќе се гласа на 27 избирачки места.
– До комисијата кај нас беа доставени седум барања и сите се прифатени. Од првиот круг на претседателските избори се три лица, што значи вкупно 10 болни и изнемоштени лица во вторник треба да го остварат правото на глас во домашни услови, изјави Неџип Илјаз, претседател на ОИК за Центар Жупа. Во оваа општина во Единствениот избирачки список запишани се 7.383 лица, кои ќе гласаат на 16 избирачки места.