Во двете основни и нивните подрачни училишта, во општина Центар Жупа, во ученичка клупа за првпат денеска седнаа 31 прваче, што е за три повеќе во однос на минатата учебна година.
Она што посебно паѓа в очи е минималниот број првачиња во ООУ „Мустафа Ќемал Ататурк“ во Центар Жупа и неговите подрачни училишта.
-Во ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“ во Центар Жупа се шест првачиња од нив четири се за настава на турски наставен јазик и едно на македонски, во училиштето во Центар Жупа, додека едно на македонски јазик е во подрачното училиште во село Броштица. Во подрачното училиште во село Горенци нема ниту едно прваче. Во училиштето во Центар Жупа, каде настава се изведува и на албански наставен јазик, како и минатата и оваа учебна година нема првачиња по овој наставен јазик, рече за МИА, Мунир Бастри, одговорен во секторот образование при општината.
Во ООУ „Неџати Зеќерија“ во Коџаџик, Горна Жупа, каде настава се изведува само на турски наставен јазик запишани се 25 првачиња. Во Коџаџик има едно прваче, по две во подрачните училишта во Долгаш и Брешани, три во Праленик, 7 во Елевци и 10 во Новак, најголемото село во Горна Жупа.
Пред миграцискиот бран, што ја зафати оваа општина, имаше над 200 првачиња. Мементно дури 80 отсто од популацијата живее во некоја западно европска земја, пред сè Италија, Германија и Швајцарија.