Министерот за локална самоуправа Златко Перински, амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП Армен Григорјан денеска ќе ја посетат општина Липково, каде на состанок со претставници од општината и градоначалникот Еркан Арифи ќе дискутираат за резултатите од проектот „Зајакнување на општинските капацитети“.
Канцеларијата на УНДП во Скопје најави дека Перински, Зомер и Григоријан ќе се обратат на петтата форумска во училиштето „Исмет Јашари“ и ќе извршат увод во реконструкцијата на дел од речното корито во Слупчане, по што се предвидени изјави за медиумите.
Цел на проектот е подобрување на состојбите на единиците на локалните самоуправи (ЕЛС) преку зајакнати општински совети кои можат ефективно да ги исполнат нивните доделени улоги на претставување, надзор и одлучување, зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните власти, како и поддршка за развојни политики и проекти преку активно учество на граѓаните во процесите на донесување одлуки на локално ниво.
Проектот е финансиран од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а е кофинансиран и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, во соработка со други национални институции и ЕЛС. (МИА)