Општина Штип обезбеди бесплатни училишни униформи за 2.200 ученици од прво до петто одделение, кои ја следат редовната настава во сите основни училишта, информираше на денешната прес-конференција секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова.
Посочи дека во текот на наредната недела проектот треба и целосно да се реализира, односно униформите да се дистрибуираат до секој ученик во одделенска настава на територија на Општина Штип.
-Учениците да ги очекуваат униформите од 29 јануари до 2 февруари. Униформите се изработени од високо квалитетни бои и материјали и дизајнот на нив е направен од професор на Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Целта на овој проект е да се намали сегрегацијата меѓу учениците во образовнието и се разбира да се обезбеди еднаков пристап за сите ученици, во образовниот процес, вели Шорова-Ангелова.
Бесплатните училишни униформи се комплети, односно содржат маица на кратки ракави и трансформирачки дуксер, којшто е соодветен да се носи во текот на три годишни времиња. Реализацијата на овој проект општината ја чини 4,5 милиони денари. Шорова-Ангелова вели дека во моментов се опфатени само учениците од прво до петто одделение, а наредниот период ќе направат пресметки и за учениците од повисоките одделенија во основните училишта да добијат вакви бесплатни училишни униформи. (МИА)