Република Охрид

Стручни предавања како превентивни активности по повод Неделата на срцево-садови заболувања

Процените покажуваат дека најмалку 80 отсто од сите срцеви болести, срцев удар и дијабетес тип 2 може да се превенираат.

Стручни предавања како превентивни активности по повод Неделата на срцево-садови заболувања

Со низа низа активности насочени кон превенција и заштита од срцево-садовите заболувања, општинската организација на Црвениот крст, во рамките на своите здравствено-превентивни активности, ќе ја одбележи Неделата на срцево-садови заболувања (21 – 28 февруари).

Со мотото „Здрав живот, здраво срце“, а во соработка со Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св.Стефан“ во Охрид, денеска во просториите на Црвениот крст – Охрид специјалист кардиолог ќе одржи предавање за ризик-факторите, превенција, третман и лекување на болестите на срцето и крвните садови.

Исто така, до основните и средните училишта во Охрид и Дебрца доставено е типизирано предавање за срцево-садовите заболувања, со цел тоа да се презентира пред учениците.

Срцево-садовите заболувања се водечка причина за смртност во светот. Според податоците на Светската здравствена организација, секоја година од срцево-садовите заболувања во светот умираат 17,5 милиони луѓе, од кои 7,3 милиони од коронарна срцева болест, а 6,2 милиони од инфаркт. Во Европа речиси 50 проценти од сите смртни случаи се предизвикани од тие заболувања. Сè повеќе заболуваат лица помлади од 60 години возраст, односно лица во најпродуктивниот период од животот. Доколку не се преземат соодветни мерки, до 2030 година 23 милиони луѓе секоја година ќе умираат од срцево-садови заболувања (главно од срцеви и мозочни удари).

Процените покажуваат дека најмалку 80 отсто од сите срцеви болести, срцев удар и дијабетес тип 2 може да се превенираат.

Статистичките податоци од Институтот за јавно здравје на РСМ покажуваат дека и кај нас повеќе од 60 отсто од смртните случаи се последица на срцево-садовите заболувања.

Здебеленост, неправилна исхрана, пушење и физичка неактивност се главните причини за болестите на срцето и мозочните удари, кои може да се забележат во сè помлада возраст. Таквите нездрави навики и животен стил се сè почести меѓу децата и адолесцентите. Токму тоа е период кога со навремени и соодветни постапки може да се насочи развојот на детето во зрела личност, одговорна за своето здравје, здравите животни стилови и со фактори на ризик сведени на најмала можна мерка.

Најнови вести од Република

To top