Со традиционалното дефиле под маски, кои на сатиричен начин ќе ги прикажат случувањата во јавниот и политичкиот живот, како во земјава, така и во странство во изминатата година, денеска напладне ќе се одржи официјалниот дел од Вевчанскиот карневал.
Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, организиран од двете василичарски друштва Горна и Долна маала на чело со зетот, невестата, двата ѓаволи и глупавите Августи. Веднаш по нив следуваат останатите маски, секоја со своја приказна, ќе го привлече вниманието на присутните. Дефилето почнува околу 14 часот од почетокот на селото, движејќи се низ главната улица до центарот, каде маскираните го вртат Василичарското оро.
Преку маските вевчанци испраќаат силни пораки да биде годината бериќетна, да има среќа, здравје и да се променат негативните работи во општеството. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар. И како што е добро познато, вевчанци, кои важат за љубезен и гостопримилв народ, верни на традицијата, до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.
По Василичарското оро, зетот и невестата од двете маала ги посетуваат домовите на вевчанци со благослов за здравје и бериќет во Новата година, а од домаќините се дарувани со луканци, леб, пари и други дарови. Ноќта пак, придружувани од останатите соселани, одат на Вевчанските извори од каде полнат вода со која прават кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај тој што ќе се падне паричката се верува дека ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.
Утре, на верскиот празник Свети Василиј одат на имендени или по вевчански визити во семејствата каде го има името на светецот. Доцна попладнето во центарот на Вевчани се собираат сите василичари, повторно играат оро и ги палат маските со симболика дека злото нема да се повтори. Вевчанскиот карневал, според некои записи датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века.
Новата година, според Јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечер со спектакуларен огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат Akustik band live, Наум Петрески, Оркестар со зурли и тапани Вевчани и Перо Бели и Коки Биортиам.
Манифестацијата почна синоќа со Dj Ampov и Younge Daddy, а забавата продолжи со настап на Игор Џамбазов со Гуру Харе бенд и Нокаут.