Република

Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ помага на студентите и вработените, кои имаат загубено свои блиски или се повредени во пожарот во кочанската дискотека

Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ помага на студентите и вработените, кои имаат загубено свои блиски или се повредени во пожарот во кочанската дискотека

Осум студенти, кои студираа на еден од факултетите или Академиите на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски денеска изјави дека и студентската заедница, како и вработените на УГД-Штип се погодени од големата трагедија во која загинаа 59 лица, а над 100 се повредени.

-Ние имаме осум студенти меѓу загинатите, има повредени. Има фамилии кои се силно погодени од оваа трагедија . Универзитетот уште од самиот почеток заедно со студентските организации почнавме да работиме, да ги санираме последиците и да им помогнеме на колегите, кои директно беа погодени. Универзитетот со поддршка на Министерството за образование и наука и Универзитетската комора, веднаш отворивме Центар за психолошка поддршка, кој ние како активност ќе подолжиме да го поддржуваме се додека е потребно, изјави Мираковски.

Тој истакна дека Центарот за психолошка поддршка е во рамките на Факултетот за образовни науки.

-Испративме инструкции до сите колеги, професори, како да постапуваат, како да им помогнат на студентите кои имаат потреба. Уште еднаш ги повикувам, сите студенти да ги искористат капацитетите кои им се на располагање. Навистина е подобро кога болката заедно ја делиме. Сите колеги им се на располагање, рече Мираковски.

Инаку денеска Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип им одаде почит на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани со едно минутно молчење, а на 16 студенти кои дипломираа, со највисок просек на факултетите им беа доделени признанија. Воедно беа промовирани и петтемина нови доктори на науки. Универзитетот „Гоце Делчев“ оваа година требаше да одбележи 18 години од своето постоење.

Најнови вести од Република

To top