Општина Штип официјално започна со градба на нов затворен спортски центар „Џексон“ со капацитет од 1 000 гледачи. Проектот е со вредност од 66 милиони денари, а рокот на изведба е осум месеци.
На поставувањето на камен темелникот присуствуваше и премирот Христијан Мицкоски, заедно со градоначалникот Иван Јорданов, министри, пратеници и советници од Штип.
Градоначалникот Јорданов рече дека „Џексон“ е спортски центар под отворено небо во срцето на Штип, којшто во дамнешни времиња имал важна улога во секојдневието на штипјани.
– Изминатата година по неколку консултации како и во комуникација со спортските работници, изработивме проект кој беше основа за да започне ова денес, со што ќе се зголеми развојот и промоцијата на спортот во нашиот град. Со реализација на овој проект, штипјани конечно ќе добијат современа спортска сала со намена за повеќе спортови и настани, изјави Јорданов.
Проектот, појасни Јорданов, предвидува овој простор како култно место да прерасне во затворен спортски центар со капацитет од 1000 гледачи како и опрема и содржини кои што ќе го претворат во модерен објект за сегашните и идни генарации.