Таткото Томчо Спасовски чие што семејство со генерации живеело во делчевското село Илиово во изјава за нашиот портал потврди дека цело семејство започнало процес за преселба во соседната општина Виница.
Трите дечиња Злате, Дејвид и најмалото девојче Анета на Томчо и Маја Спасевски почетокот на учебната година од месец септември го започнаа во делчевската деветолетка ООУ “Ванчо Прќе”.
Но по подолго време измачување и низа на перипетии поврзани со превозот на трите дечиња, тие своето образование од второто полугодие го продолжија во село Драгобраште во соседната општина Виница. Ваквото решение на кое биле приморани членовите на ова земјоделско семејство следува по незаинтересираноста за решавање и игнорирањето на проблемот од страна на надлежните во врска со превозот на дечињата чиј што дом е одалечен околу 4 километри до локацијата од каде ги зема службениот училишен превоз секој училишен ден.
Највозрасниот од трите дечиња Дејвид во свое кажување потврдува дека сега тие како ученици имаат подобри услови за своето образование во селото Драгобраште и во иднина сакаат да продолжат да учат во соседната општина Виница но и сакаат таму да продолжат да живеат поради подобрите услови за нивно образование.
Таткото Томчо и мајката Маја потврдуваат дека веќе обезбедиле плац како и основен проект за изградба на семејна куќа во соседната Виница каде планираат да се преселат поради лошите услови за живеење во општина Делчево а пред се заради подобрата иднина на нивните деца. Веќе разгледуваат опции за вработување во Виница и напуштање земјоделието и имотот кој го работеле со генерации. На тој начин семејното огниште на семејството Спасевски кое со генерации го крепело нивниот семеен дом во догледна иднина засекогаш би згаснало.
За оваа семејна голгота и присилно напуштање на татковото огниште на семејството Спасевски подготвуваме видео сторија која ќе ја објавиме дополнително во наредниот период.