Република

Реконструирањето на интернатот во Кавадарци во завршна фаза

Реконструирањето на интернатот во Кавадарци во завршна фаза

Во завршна фаза е реконструкцијата на ученичкиот дом „Крсте Петков – Мисирков“ што опфаќа комплетно реновирање на соби, тоалети, кујна, ходници и влезни партии, информираат денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Како што појаснуваат, станува збор за инвестиција на Општина Кавадарци во висина од 5.500.000 денари, а изведувач на работите е фирмата „Јоска транс“ од Битола.

Директорот на интернатот во Кавадарци што постои повеќе од шест децении, Александар Ангелов претходно информираше дека со општински пари се реновираат соби од интернатот.

-Објектот добива нова библиотека, како и реновирани тоалети и целокупно нова електрична инсталација на спратот што се реконструира, нови врати и прозорци. После толку години, ученичкиот дом конечно ќе добие и нов и посоодветен влез и нови прозорци во кујната, појасни директорот.

Градоначалникот Јанчев тогаш рече дека се зголемува капацитетот на легла. Тој најави дека планирана е и изградба на лифт за овие три ката.

-Многу е значаен овој капацитет, бидејќи овде се сместуваат средношколците кои се школуваат во средното образование во Кавадарци, а доаѓаат од други општини, потенцираше тогаш градоначалникот.

Претседателот на Совет на Општина, Стојанче Рамов, тогаш подвлече дека кога се вложува во образование, советниците се единствени во носењето одлуки.

Најнови вести од Република

To top