Институтот за јавно здравје во Скопје прогласи епидемија на пертусис, голема кашлица на територијата на Куманово.
На овој чекор епидемиолозите од Центарот за јавно здравје Куманово се решиле по вкупно потврдени 23 случаи на ова заболување, од кои 5 се хоспитализирани.
Возрасната група на заболените се движи од 4-месечна возраст до 60 години.
„Во Куманово, по првиот лабораториски потврден случај досега имаме 23 заболени, од кои 5 хоспитализирани, сите на детска возраст. Најмалиот пациент е доенче на 4 месеци, но имаме заболено и 60 годишно лице. Најголем број од регистрираните случаи, 7 се во возрасната група од 1-4 години, бројни се и децата помали од 1 година – 6, од 5 до 9 години имаме 4 потврдени случаи, и во останатите возрасни групи по еден заболен“, потенцира епидемилог, д-р Едита Рамизи.
Според епидемилошките анкети постојат поврзани случаи на по 2 лица од две различни семејства, меѓусебно неповрзани, кај останатите не е констатиран контакт. Според вакциналниот статус 8 од заболените се целосно вакцинирани, 3 се вакцинирани согласно возраста, 5 некомплетно имунизирани, 6 немаат примено ниту една доза на ДиТеПер вакцина, а за најстариот пациент вакциналниот статус е непознат.
Со прогласување на епидемија, Куманово е ставено под засилен епидемилошки надзор, и се следат препораките на Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје- Скопје.
„Со засегнатите локални институции имаме одлична соработка, директорката на градинката се јавува редовно, се информира и ги следи препораките кои ги даваме. Општа болница Куманово и останатите здравстевни установи се запознаени со протоколите, како и основните и средните училишта во градот. По пандемијата од пред неколку години сме веќе усогласени, во редовна и одлична комуникација сме со сите“, објаснува д-р Рамизи.
ЦЈЗ Куманово во својата микро-биолошка лабораторија врши тестирања за сомнителни случаи на голема кашлица.
Во Североисточниот регион се регистрирани вкупно 26 случаи на заболување. Освен 23 на територија на Куманово, по еден случај е регистриран во Липково, Крива Паланка и Кратово.