Пожарникарите на Старо Нагоричане интервенирале на два пожари предизвикани од удар на гром, информираа денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово.
Вчера било опожарено дрво и сува треба од удар на гром во село Драгоманце, а пожарникарите интервенирале и во Облавце каде била запалена електрична бандера и струјомер од удар на гром. Во ова село била опожарена и куќа, а пожарот како што е наведено, бил предизвикан од електрична инсталација. Кумановските пожарникари гаснеле сува треба во Ваксинце, Лојане, Шупли Камен Горно Којнаре и Винце, каде покрај трева имало и опожарен објект.
Куманово вчера беше зафатено со пороен дожд, проследен со грмежи, ситен град и силен ветер. Според информациите на Регионалниот центар за управување со кризи, пријавена е падната метална конструкција на булеварот „Трета македонска ударна бригада“, паднат покрив на зграда на улица „Тоде Думба“, на неколку локации немало електрична енергија.
Во РЦУК Куманово имало пријави за два одрона во рурални средини, едниот во Липковско, вториот во Старо Нагоричане. На дел од улиците во Куманово се слеваше вода и сообраќајот беше отежнат. Екипите на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, се на терен и ги отстрануваат паднатите гранки и стари дрвја на неколку локации во Куманово и ги чистат затнатите канали и наноси на булеварот „Октомвриска револуција“, кај „Средорек“.