Пет јавни општински институции во Крива Паланка добија фотоволтаични панели кои се поставени на објектите со цел самоодржливост на објектите преку енергетска ефикасност и користење обновливи извори на енергија.
-Поставени се фотоволтаични панели на пет јавни институции во градот, инвестиција вредна 103.000 евра во рамки на проектот „Зелена енергија за јавни институции“. Општина Крива Паланка го реализираше проектот со поддршка од Центар за меѓународна соработка и развој од Љубљана, Словенија. Центарот од Љубљана е донатор на педесет отсто од вредноста, а останатата сума е обезбедена од општинскиот буџет, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.
Фотоволтаици се поставени на детската градинка „Детелинка“, објект „Пролетна роса“, основно училиште „Св. Јоаким Крчовски“, зграда „Партизан“, Локална установа Градски музеј- Крива Паланка, на административниот објект на локалната самоуправа на Општина Крива Паланка и ученички дом „Боро Менков“.
Од општината нагласија дека поставувањето фотоволтаични панели е инвестиција за придонес кон поголема самостојност на институциите во снабдување со електрична енергија и намалување на потрошувачката и трошоците за електрична енергија.
-Истовремено се очекува да се генерираат заштеди што би се вложиле во подобрување на условите за развој на секоја институција поединечно, посочуваат од Општина Крива Паланка.