Почна смената на директорите во образовните институции во Општина Маврово и Ростуше со именувањето нов директор на Општинското основно училиште „Јосип Броз – Тито“ во село Жировница.
-Попладнево со одлука на градоначалникот Онер Јакупоски, вршител на должноста директор е наименуван Насер Ејупи, професор по одделенска настава во училиштето. Градоначалникот Јакупоски му посака успешна и плодна работа на новиот директор, нагласувајќи ја важноста на квалитетното образование за развојот на заедницата, информираше Фикрет Ибраими, одговорен во секторот за информирање.
Јакупоски истакнал дека Општината ќе продолжи силно да го поддржува училиштето во насока на подобрување на условите за настава и реализација на нови проекти кои се од интерес за учениците и наставниот кадар.
Ејупи меѓу другото рекол дека ја презема функцијата со обврска за посветено водење на институцијата и одржување на високите стандарди во образовниот процес во Жировница.
Досегашен директор на ова училиште беше Анес Ахмети.
На подрачјето на Општина Маврово и Ростуше функционираат четири основни училишта и тоа во Жировница, Скудриње, Ростуше и Маврови Анови, како и Гимназија во Ростуше. (МИА)