Република ВМРО-ДПМНЕ

Папазов: Во Кочани за 3 години се остварени значајни вложувања и новитети во секоја област

Со зголемената поддршка од централната власт и други партнерски институции, предвидуваме динамична активност и капитални вложувања за забрзан развој на општината, изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани.

Папазов: Во Кочани за 3 години се остварени значајни вложувања и новитети во секоја област

Изминативе 3 години имајќи ја честа да се раководи работата на локалната самоуправа во Кочани, реализирани се бројни проекти од капитално значење и во интерес на сите граѓани во општината. Во фокусот на нашата посветена и одговорна работа се изградбата, обновувањето и одржувањето на патната сообраќајна инфраструктура, изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани.

„Реконструирани и асфалтирани се повеќе улици во градот во вкупна должина од околу 7 километри, меѓу кои се вбројуваат ул. „Гошо Викентиев“, „Раде Кратовче“, „Браќа Ставреви“, „Стево Теодосиевски“, „Роза Петрова“, „Јордан Зафиров“, „Смилевски Конгрес“, „Илинденска“, „Стамен Манов“ и др., а во завршна фаза е реконструкцијата на две витални сообраќајници во градот, на ул. „Гоце Делчев“ и „Борис Трајковски“ во вкупна должина од над 1,4 километри.

Исто така, во постапка е распишувањето на јавната набавка за капитална реконструкција и модернизација на источниот патен влез во градот во должина од околу 1 километар.

Во делот на сообраќајните решенија, изградени се и два кружни текови – кружен тек на спојот на улиците „Димитар Влахов“ и „Стево Теодосиевски“ и изведено е асфалтирање на кружен тек со изградба на разделно зеленило на булеварот „Тодосија Паунов“.

Извршена е и модернизација на два патни премини на железничката пруга Велес – Кочани, патните премини кај Основен суд Кочани и стара Ветеринарна станица.

Во руралните средини реконструирани и изградени се повеќе улици и патишта во вкупна должина од над 6 километри и тоа во населените места Грдовци, Долни Подлог, Бели, Тркање и Оризари.

Во делот на водоснабдувањето реализиран е капиталниот проект на реконструкција на главниот потисен цевковод во должина од 2,2 километри.

Изградена е и препумпна станица во населбата Трајаново Трло за дел од системот Висока зона на притисок на град Кочани.

Извршена е реконструкција на старата водоводна линија на улица „Шукри Шаин“, а заменет е дел од водоводната мрежа на улица „Гоце Делчев“.

Се врши и замена на повеќе стари куќни водомери со нови современи и се прави нивна интеграција во системот за далечинско отчитување на комуналното претпријатие.

Во изминатиот период беа извршени повеќе градежни активности во делот на атмосферската и фекалната канализациона мрежа, односно изградена е канализациона мрежа во село Тркање во склоп на колекторски систем во должина од три километри.

Поставена е нова атмосферска канализација во дел од село Оризари и реконструирана е фекалната канализација на двата колектори, источен и западен дел со должина од околу 1,7 километри. На улицата „Стево Теодосиевски“ поставена е нова атмосферска канализациона мрежа.

Во Оризари извршено е и уредување на речното корито на река Масалница на простор од околу шест илјади метри квадратни.

Во поглед на комуналната инфраструктура, со рационализација на проектните трошоци завршена е сеопфатната реконструкција на Градскиот парк како современ јавен и социјален простор за сите генерации. Целосно е преуредено со нови реквизити детското игралиште до Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“. Изграден е нов парк во населбата Трајаново Трло, а во тек е целосно обновување на содржините на Спортско-рекреативниот центар Бавчалук.

Извршена е реконструкција на неколку повеќенаменски игралишта, поставена е нова и обновена е урбана опрема на повеќе локации во градот и спроведено е ново јавно осветлување.

Просторното планирање е основен предуслов за урбан развој и за таа цел донесени се деталните урбанистички планови со најголем опфат во градот – ДУП за Градска четврт 5, Градска четврт 6 и Градска четврт 14.

Не изостанува посветеноста во реализацијата на проекти со кои во општина Кочани се постигнува одржлив развој и управување.

Реализиран е проектот „Намалување на загубите на вода во системот на водоснабдување и искористување на сончевата енергија во КЈП „Водовод“, со што на кровот на Пречистителната станица инсталирани се две фотоволтаични централи со моќност од 440 киловати и 120 киловати. Во рамките на проектот предвидена е и набавка на опрема за намалување на загубите на вода.

Исто така, инсталирани се фотоволтаични системи и на Фабриката за вода, на кровот на ОУ „Никола Карев“ и СОУ „Гошо Викентиев“.

Со проектот „Паметно мерење и управување на енергијата во системот на јавното осветлување“, Кочани е првата општина во државата која воспостави електронски систем за паметно мерење и управување со јавното осветлување, со што се постигнуваат значителни заштеди, ефикасност и намалени трошоци за електрична енергија.

Поставени се пет сензори за индикативни мерења на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички на амбиенталниот воздух на територијата на општина Кочани и истите се поставени на пет јавни општински објекти, со што се подигнува квалитетот во прибирањето на релевантни информации кои ќе послужат за креирањето на соодветни еколошки мерки.

Во делот на образованието, во континуитет се остварени вложувања за подобрување на условите за одвивање на наставата.

Поставена е нова кровна конструкција и термоизолациска фасада, изградена е пристапна рампа и уреден е паркинг просторот во ОУ „Никола Карев“.

Реконструирани се крововите на ОМУ „Ристо Јуруков“, ОУ „Раде Кратовче“, како и ОУ „Св. Кирил и Методиј“. Во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ опремена е и сензорна соба.

Заради поголема енергетска ефикасност, променети се прозорците на ОМУ „Ристо Јуруков“, ОУ „Никола Карев“ – подрачна единица Грдовци, ОУ „Крсте Петков-Мисирков“ – подрачна единица Прибачево и ЈОУ Детска градинка „Павлина Велјанова“.

Општина Кочани доделува училишни пакети за секое првоодделенче и на сите ученици чии семејства се корисници на социјална помош.

Стипендирањето на студенти и наградувањето на учениците со посебени постигнувања на ученички натпревари постојано се одвива и надградува.

Во делот на поддршката за млади, спроведено е формирање на Локалниот младински совет и отворена е Канцеларија за млади, како функционален и творечки простор за размена на идеи, спроведување на активности и организирање на настани од интерес за младите.

Во делот на социјалната заштита, преку проектот на Светска банка: „Нега центар за стари лица – услуга во домот“, Општина Кочани се вбројува во редот на општините во кои се пружа сервисна нега во домот, при што се опфатени околу 100 корисници и 30 ангажирани негуватели.

Проектот „Општинско-корисна работа“ во изминатите години се унапредува, при што се креираат потребни работни активности во заедницата и се придонесува за намалување на бројот на невработените, а со самото тоа и се остварува и подобрување на квалитетот на животот на лицата во социјален ризик.

Во поглед на противпожарната заштита преземени се повеќе активности за зајакнување на системот.

Набавени се две нови противпожарни возила, обезбедена е бројна техничка и мултифункционална опрема за пожарникарите и во континуитет се гарантира финансиска и логистичка поддршка на Доброволното противпожарно друштво од Кочани.

Во делот на културата постигнат е значаен исчекор во збогатување на понудата и содржините.

Извршена е комплетна реставрација на Споменикот на слободата, како најзначаен културно-историски симбол и обележје на Кочани. Со тоа, ова култно место на градот доби модерни услови за креативни творења и спроведување на настани од масовен карактер.

Се комплетираше уредувањето на мултикултурниот центар преку инсталирањето на систем за ладење и греење и опремување на неколку функционални простории во рамките на центарот.

Традиционалните манифестации „Денови на кочанскиот ориз“, настаните по повод празникот на градот – Петровден, Драмскиот аматерски фестивал на Македонија, добија квалитетно подобрена организација и модерни содржини.

Како новитет, во нашата општина во изминатите три години се организираат повеќедневен Новогодишен и Велигденски хепенинг. Овие настани се спроведуваат преку богати музичко-културни содржини и настап на познати македонски музички имиња.

Нашата транспарентност во работењето добива признание во континуитет. Активната транспарентност на Општина Кочани во актуелниот мандат бележи нагорен тренд и помеѓу 98 рангирани институции во државата, Општина Кочани се наоѓа на 17-тата позиција. Односно, според Индексот на активна транспарентност воспоставен од релевантни организации се наоѓа во најдобрата група на институции, според активната транспарентност.

Општина Кочани изгради силни врски и партнерски однос со цивилниот сектор како во домашни, така и во меѓународни рамки.

Преку Регионалната програма на ЕУ за локална демократија во Западен Балкан, во Кочани се финансирани над 8 проекти на здруженија со бенефит за пошироката локална заедница.

Искористувањето на фондовите од европските програми за образовна мобилност е во постојан пораст, за што општинските институции и локални невладини организации добија признание од канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во државата“ потенцира Љупчо Папазов.

Во рамките на разни општински програми се одговора на потребите на здруженија и групи на граѓани за спроведување на активности за позитивни промени во средината. Планирањето и реализацијата на проекти во Кочани продолжува непрекинато и во претстојниот период. Со зголемената поддршка од централната власт и други партнерски институции, предвидуваме динамична активност и капитални вложувања за забрзан развој на општината, изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани.

To top