Интегрален текст од обраќањето на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Почитувана претседателка на Советот г-ѓа Габриела Илиевска,
Почитувани советници,
Почитувани медиуми и гости,
Почитувани битолчанки и битолчани,
Денес е историски ден за Битола. Денес на разгледување е измената и дополнување, односно ребалансот на буџетот за 2025 година. Основна причина за да се изготви овој ребаланс се средствата добиени на повикот на Владата на Р. Македонија во висина од 707 милиони денари како поддршка на проектите со кои нашата Општина аплицираше на последниот повик. Ја користам оваа можност да се заблагодарам на Владата и да потенцирам дека никогаш досега Влада на РМ не издвоила толкави средства како поддршка за реализација на проекти во Општина Битола.
Почитувани советници пред Вас се витални и значајни проекти за развојот на нашиот град од различни области – образование, спорт, нови паркинг простори, патна, водоводна и канализациона инфраструктура. Во интерес на јавноста би сакал да набројам дел од проектите кои ги предлагаме како дел од оваа измена и дополнување на буџетот за 2025 година:
– ТРИ типски училишни спортски сали во: ОУ “Стив Наумов”, ОУ “Тодор Ангелевски” и ОУ “Даме Груев” – подрачно училиште во Долно Оризари ВРЕДНОСТ 144 милиони денари
– Изградба и реконструкција на ДЕВЕТ УЧИЛИШНИ СПОРТСКИ ИГРАЛИШТА во: ОУ “Даме Груев”, ОУ “Климент Охридски”, ОУ “Трифун Пановски”, ОУ “Ѓорѓи Сугарев”, ОУ “Гоце Делчев”, игралиштето во “турското” училиште, ОУ “Коле Канински” – буковски ливади, ОУ “Тодор Ангелевски” – подрачно училиште во Г. Оризари, ОУ “Тодор Ангелевски” ВРЕДНОСТ 112 милиони денари
– Реконструкција на игралиштето во населба СТРЕЛИШТЕ и реконструкција на игралиштето за ТЕНИС во БРУСНИЧКА населба ВРЕДНОСТ 28 милиони денари
– Изградба на ШЕСТ нови ПАРКИНЗИ – Овчи Пазар, Ат Пазар, на улица Браќа Џаферови, во поранешната касарна, кај Хеликоптерот и Кифлата ВРЕДНОСТ 30 милиони денари. Со изградбата на овие паркинзи ќе се овозможат над 150 нови паркинг места
– Реконструкција на објект во Буковски ливади со пренамена во УЧИЛИШТЕ ВРЕДНОСТ 30 милиони денари
– Изградба на АТЛЕТСКА ПАТЕКА на стадионот “Петар Милошевски” ВРЕДНОСТ 77 милиони денари
– Овој ребаланс предвидува и Изградба на нови улици и реконструкција на улици:
Изградба на комлетна инфраструктура на улица „Донка Ушлиова“ во населба Јени маало
Изградба на инфраструктура на улици во АРМ Четврт2 – поранешната касарна, улиците Сту6,Сту6а,Сту13,Сту14, улици од Урбанистички План Стрчин
Изградба на коловоз, сообраќајна инфраструктура и улично осветлување на
северна улица3 со станбен простор, станбена улица1 со паркинг простор и пристапна улица1 од ДУП за комплекс болници – во областа околу болницата Плодност
Реконструкција на улиците „Влатко Миленковски“, дел од ул.„Паца Ванчова “ и дел од ул.„Гаврило Принцип“ во населбата Карпош
Реконструкција на улицa „7-ма Бригада“
Реконструкција на улица „Христо Ботев“
Реконструкција на улица „Димитар Тодоровски“ (ул.„11-та“)
Реконструкција на улица „Бегова чешма“,
Реконструкција на дел од улица „Васко Каранѓелевски“ и улица “Романија“
Реконструкција и изградба на улица „Булевар 1-ви Мај“ (кај стараТреска}
Реконструкција на улица „Ѓорѓи Димитров“
Реконструкција на улица “Даме Груев” – Мал Париз крак 1,2 и 3
Реконструкција на улиците Дебарска, Караорман, Мукос, Љубојно и 5 та во населба Баир
– Со ребалансот на буџетот се предвидени средства за изградба и реконструкција на улици и во следните населени места дел од Општина Битола:
Изградба на улици во с. Карамани
Изградба на патот до манастирот Св. Меркјури во с.Барешани
Реконструкција на коловоз на улици во с.Ротино
Изградба на коловоз на локален пат за с.Раштани
Реконструкција на коловоз на улици во с.Трн
Реконструкција на коловоз на улици во с.Братиндол
Реконструкција на коловоз на локален пат за с.Горно Ореово
Ребалансот покрај инфраструктурата предвидува одвојување дополнителни средства за непречено одвивање на наставниот процес во основните училишта во нашиот град, противпожарната единица, старскиот дом, ЈП Пазари, Зоолошката градина. Би сакал да укажам дека утрово добив дописи од синдикалните организации на овие институции, а истите се испратени и до Советот во кои се апелира за поддршка на ребалансот преку кој ќе се издвојат дополнителни средства за реализација на активностите на овие витални институции во нашиот град.
Почитувани советници,
Би сакал да истакнам дека Општина Битола е во одлична финансиска кондиција и редовно ги исполнува своите договорни обврски што значи дека сите доспеани обврски се во целост исплатени заклучно со 30.06.2025 година. Исто така реализацијата на расходите заклучно со вториот квартал надминува 40 % што е повеќе од солидно и тоа говори дека Општината функционира со соодветната и потребна динамика.
Во делот на реализација на капиталните проекти значајно место завземаат проектите кои добија поддршка од Владата на првиот повик минатата година. Така започнавме со реализација на 14 од вкупно 16 проекти и истите се очекува да бидат завршени до крајот на оваа градежна сезона, а тоа се следните проекти:
Реконструкција на водоводна линија на потегот с.Поешево – с.Логовоарди
Изградба на канализација на ул.СТУ 3 АРМ четврт 1( фекална и атмосферска со приклучоци)
Изградба на инфраструктура на улица СТУ 3 АРМ четврт 1
Изградба на улично осветлување на ул. СТУ 3 АРМ четврт 1
Изградба на фекална канализациона и атмосферска мрежа за ул.од ДУП за БРЛ 4 дел и ДУП БЛР 4 дел блок 2 ( ул. 150; 170 и 210)
Изградба на коловоз на улици 150-та , 170-та и 210-та
Реконструкција на коловоз на локален пат за с.Буково
Реконструкција на ул.11-ти Март и Панде Николов, Козара и Чеде Филиповски
Улично осветлување на ул.11-ти Март и Панде Николов
Реконструкција на канализација на ул.Панде Кајзеро
Реконструкција на коловоз на ул.Панде Кајзеро
Реконструкција на фасада – изведба на нова енергетска и ефикасна фасада на ООУ ,,Стив Наумов ”
Изградба на центар за спорт и рекреативни активности (поранешна боксерска сала)
Санација на јужна трибина на фудбалскиот стадион ,, Петар Милошевски ”
Во однос на проектите Реконструкција на коловоз на локален пат за с. Магарево и реконструкција на коловоз на Булевар 1-ви Мај, избран е изведувач за фазата коловоз, но пред тоа претходат изградба на колекторскиот систем од с. Трново до граница на НП Пелистер и реконструкција на водоводната линија на булеварот 1 ви мај на потегот од Црн мост до Борово, а овие проекти се дел од проектот за води на Министерството за животна средина финансирани преку ЕИБ (Европската инвестициона банка) … (во однос на овие проекти, кои три пати не добиваат поддршка во Советот, треба да се истакне дека, Европската инвестициона банка не дава средства на општината и банката нема врска со општината. Банката ги дава на Владата, односно Владата понатаму назначува соодветно министерство задолжено за реализација, во случајов, Министерството за животна средина, кое понатаму, комуницира со општините во однос на грантот. За висината на овие средства за општина Битола, Владата веќе има донесено одлука, објавена во Службен весник. Ние како општина, треба само да донесеме одлука дека, како и многу општини корисници на овие средства, меѓу кои и Босилово, Крушево, Кавадарци итн, прифаќаме да ги добиеме парите како грант. Ние како општина ништо не плаќаме, ништо не финансираме. Единствено, се обврзуваме, според договорот за грант кој е доставен до Вас, дека во следните 10 години, домаќински и одговорно ќе се однесуваме кон средствата од грантот. А дополнително, јас како градоначалник, треба да потпишам одлука, со која општината, доколку не се однесува соодветно кон донацијата, ќе ги врати дадените средства. Тоа треба да го разберете Вие, советниците. Треба да разберете дека ние немаме пари на сметката за овие проекти, во која ставка итн. Спроведувањето на постапките и изборот на изведувачи ќе се одвива преку министерството за животна средина. Добиените средства од грантот на Европската инвестициона банка, како и за секој проект, доколку општината, или назначеното јавно претпријатие, не се однесува соодветно кон дадената донација, треба да ги врати. Оттука, предлагам, да се преиспита досегашното однесување од страна на советниците за овој проект и конечно да се изгласаат двете одлуки. Советниците нека се консултираат со нивните колеги од општините, бидејќи корисници на овој грант се општини чии градоначалници се од различни политични партии. По донесувањето на одлуките, Министерството за животна средина ќе започне со реализација.
Битола сака спорт, Битола сака нова спортска сала, Битола и битолчани, љубителите на ракометот, кошарката, одбојката и останатите спортови тоа го заслужуваат!
На денешната седница на Советот на Општина Битола како точка на дневен ред повторно е поставено усвојувањето на нацрт ДУП за блокот Запад 08.01. Имено со овој ДУП се предвидува изградба на нов спортски комплекс во Нова Битола и можност за реализација на визиите кои на Битола ќе и дадат шанса за напредок и задржување на приматот за урбан центар во регионот.
Тука би сакал да истакнам дека со овој ДУП не се разработува само спортскиот комплекс, туку овој дел од градот се предвидува да прерасне во нов реонски центар, кој предвидува повеќе содржини. Во планирањето особено е важен јавниот интерес кој го зачувуваме и предвидени се градежни парцели за мултифункционален спортски комплекс во границите на парцелата, основно училиште, старски дом, детска градинка, објекти за колективно домување и огромна површина на парково зеленило.
Да напоменам дека сообраќајниот концепт кој треба да го заокружи овој западен блок, предвидува нови сообраќајници, улицата Димитар Илиевски Муратот продолжува, а во другата насока спојување со нова сообраќајница која ја поврзува улицата Партизанска со улица Довлеџик. Се работи за површина од над 15 хектари кои се сега посадени, односно се ниви на лице место.
Спортскиот комплекс се планира со капацитет од приближно 5.000 гледачи, сличен на капацитетот на Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, кој е изграден во близина на станбени зони (на помалку од 150 m од станбените згради), а не на периферија на град. Уште еден пример од нашето соседство е Белградска арена која има капацитет од 18.000 гледачи, а се наоѓа во станебна зона во Нов Белград, на растојаните помало од 100 m од станебни згради.
Нацрт деталниот урбанистички план во целост е усогласен со Генералниот урбанистички план на Град Битола. Можностите за развој и флексибилноста што ги нуди ГУП-от се применети во Нацрт ДУП-от. Усогласеноста на ДУП-от со ГУП-от детално е елаборирана во нацрт планот.
Очекувам овојпат Советот да даде поддршка на овој нацрт ДУП со кој се предвидува нов спортски комплекс во нашиот град и истиот да продолжи на следните чекори до конечно негово усвојување.
Битола станува ВЕЛОГРАД!
Денес на овој историски ден сакам да истакнам дека покрај комплетирањето на велопатеките на булеварите Партизанска и Васко Карангелевски, заедно со стручните служби правиме дополнителни анализи согласно одобрениот сообраќаен проект за поврзување на делот од кружниот тек Дулие преку улицата Филип втори и Булевар 1 ви мај (во двете насоки) со Нова Битола. Паралелно работиме на проектна документација за уредување на тротоарите на улицата Филип втори од Дулие до Здравствен дом, а тоа не го направивме порано, заради интервенциите односно инфраструктурните активности на Топлификација во овој дел од градот.
Нов систем за водоснабдување во градот и населените места!
Водата значи живот. Како градоначални сум свесен за проблемите со кои се соочува локалното население во населените места кои се дел од нашата Општина, а кои имаат сопствени водоводни системи. За жал истите се веќе застарени и не ги имаат соодветните капацитети и перформанси за да може населението да ги задоволува сопствените потреби. Во овој сегмент се соочуваме со неколку предизвици. Едниот е волјата и согласноста на жителите да ги отстапат овие водоводни системи на ЈП Водовод, да дадат согласност за поставување на приклучоци и да почнат со плаќање на услугите. Вториот предизвик е свеста на населението дека питката вода треба да се користи соодветно, односно во тоа не спаѓа користење за полевање на земјоделските површини. Верувам дека овие два предизвици можат да се надминат во најскоро време. Третиот и најважен предизвик е обновување на главниот систем за водоснабдување – т.н потисен цевковод за Општина Битола.
ЈП Водовод веќе работи на проектна документација и е во завршна фаза на истата. Овој капитален проект предвидува значајна промена на капацитетот на цевководот и замена на цевките f700mm во F800mm, истиот е со должина од над 2.6 километри, односно од пумпната станица до филтерницата Дихово. Со изградбата на новиот систем за водоснабдување ќе можеме да гарантираме за стабилизирање и задоволување во целост на потребите на жителите на сите населени места во Општините Битола, Новаци и Могила.
Битола и битолчани заслужуваат капитални проекти за развој на градот, затоа ми е драго што денес зборуваме за детален урбанистички план со кој конечно ќе се предвиди соодветна локација за изградба на нов спортски комплекс во нашиот град. Денес зборуваме и дебатираме за изградбата на влезот во Битола од страната на Скопје, децениска тема која треба да се затвори со изградба на современ булеварски влез којашто конечно продолжи после реализацијата на првата фаза пред 15 година и која заедно со оваа фаза треба да претставува целина. Денес зборуваме за капитални проекти во областа на спортот и образованието – 3 училишни спортски сали и современи спортски игралишта на 11 локации во градот, за нови паркинзи, нови улици и реконструкција на постојни улици заедно со водоводната и канализационата мрежа. Денес зборуваме за комплетирање на стадионот “Петар Милошевски” со комплетирање на јужната трибина, но и изградба на атлетската тартан патека околу фудбласкиот терен заедно со спортското борилиште. Ова се само дел од проектите за развој на Битола и за кои како градоначалник очекувам поддршка на денешната седница на Советот. Заедно секогаш можеме повеќе, оти Битола е една, Битола е најважна!
Затоа накрај сакам да укажам дека иако доаѓаат локални избори, повеќе од потребно е да го ставиме јавниот интерес, односно интересот на граѓаните на Битола над нашите лични интереси. Бидејќи од резултат на изборите во месец октомври, овие проекти се позначајни! Значајни и битни се за иднината на нашиот град, за развојот на Битола, за идните поколенија! Нека ни е вечна Битола!