Општина Куманово ги повика заинтересираните здруженија да се пријават за финансиска поддршка за организирање на превентивни мерки и активности од областа на социјалната и детската заштита, информираа денеска од општината.
На повикот можат да конкурираат здруженија регистрирани во Централниот регистар, да имаат програма и активности насочени кон ранливите категории на граѓани од областа на социјалната и детската заштита, да функционираат најмалку три години и да функционираат во општина Куманово.
-Општина Куманово преку програмата за развој на социјалната заштита за 2025 година предвидува низа превентивни активности и мерки од областа на социјална и детска заштита, со цел намалување на социјалните ризици и социјалната исклученост, се распишува Јавен повик за финансиска поддршка за организирање на превентивни мерки и активности во областа на социјалната и детската заштита преку спроведување на кампањи, трибини, изготвување на стратегии, фокус групи и промотивен материјал. За распишување на овој Јавен повик обезбедени се финансиски средства од буџетот на Општина Куманово, наведуваат од општината.
Предност ќе имаат здруженија и други правни лица, кои ќе аплицираат со предлог-проекти поврзани со изготвување на стратегии за родова еднаквост и маргинализирани целни групи и стратегија за млади. Потребните документи и формуларот за апликација се достапни на општинската веб-страница.
Подносителите треба да ја достават документацијата до Комисијата наредните 14 дена.