Општина Битола со 30 проекти аплицира до министерствата за новиот јавен повик за изразување интерес од страна на општините за финансирање на инфраструктурни проекти.
Од Секторот за односи со јавност соопштија дека градоначалникот Тони Коњановски ги потпишал проектните апликации, a преку нив Општина Битола има за цел да обезбеди финансиска помош за реализација на приоритетни проекти значајни за граѓаните и локалниот развој.
-Со поднесувањето на овие апликации покажуваме подготвеност, транспарентност и визија за подобра Битола. Ќе продолжиме со интензивна работа на сите нивоа за да обезбедиме што повеќе средства и инвестиции во нашата општина, посочи градоначалникот Коњановски.
Предвидените проекти опфаќаат реконструкција на улици во градот и населените места во општината со обнова на коловозот, реконструкција и промена на канализационата и водоводната мрежа. Проектните апликации вклучуваат и изградба на три спортски сали во основните училишта „Стив Наумов“, „Тодор Ангелевски“ и во ПОУ „Даме Груев“ во селото Долно Оризари, како и 10 спортски игралишта во училиштата, со соодветно осветлување, потоа изградба на атлетски патеки и борилиште во стадионот „Петар Милошевски“ како и два проекти за изградба на објекти на Терариум и нов дел за копитарите во битолската Зоолошка градина.
Вкупната вредност на проектите со кои Општина Битола аплицира на јавниот повик е околу 800 милиони денари.