Градоначалникот Дарко Костовски изврши увид во градежните активности за изградба на нова детска градинка во Бутел 2. Градежните активности напредуваат со одлична динамика.
Стариот објект кој беше изграден во далечната 1964 години е срушен и на негово место локалната самоуправа гради нова детска градинка на површина од 1800 м2. Новиот објект ќе има 3 влеза, 7 занимални со 7 спални соби, 2 занимални со заеднички спални соби и една просторија за јасли. Покрај тоа, во новата градинка ќе има и посебна просторија за изолација и медицинска сестра како и млечна кујна.
Новиот објект ќе ги исполнува сите услови за згрижување на 200 деца. Општина Бутел го исполнува најголемото барање на граѓаните. Локалната самоуправа вложува во капитален објект, по долги години лажни ветувања. Изградбата на новата детска градинка е најголема инвестиција во населеното место Бутел 2.
Градоначалникот Дарко Костовски изрази големо задоволство за реализирањето на овој капитален проект и останува посветен на обезбедување на најдобри услови за згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст во секое населено место во општина Бутел.