Речиси 500 маскирани учесници ќе дефилираат во Прилеп на годинешниов карневал „Прочка 2026“. Карневалките свечености почуваат в петок со традиционалната изложба на маските, в сабота е детското карневалско дефиле, а в недела од 13 часот во центарот на Прилеп е дефилето на маските со учесници од Прилеп, од земјата и од странство.
– Карневалот „Прочка“ годинава е во знакот на јубилеите. Се одбележуваат 25 години од организираното одржување на карневалската поворка на Прочка“, а „Мечкарите“ се заштитната маска на карневалот, кои и го почнуваат дефилето и се одбележуваат и 100 години од првите „мечкари“ во Прилеп. Годинава се обнови традицијата карневалските дефилеа да бидат два дена, в сабота е детското карневалско дефиле, а в недела е централното и со учесници од странство – рече прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.
Здружението „Прилепски мечкари“ како организатор на карневалот со гордост истакнува дека ќе бидат пречекани гостите, а и челниците на Меѓународната асоцијација на карневалските градови.
– По повеќегодишна пауза, на карневалот ќе пречекаме гости – карневалски групи од Србија, од четири града, од Албанија, од Бугарија, а се најавени и од Грција и од Црна Гора. Оваа година е и голем јубилеј. Се потрудивме од прилепкиот архив и од постарите граѓани да најдеме и да потврдиме преку фотографии дека уште во 1920-1921 година имало веќе организирани поворки на „мечкарите“, што потврдува дека постоиме повеќе од 100 години. А поворката – карневалот во Прилеп слави јубилеј од 25 години. Ние постоиме и ќе постоиме зашто Прилеп на некој начин е љубител на тие „преправања“ – истакна Ванчо Ѓеорѓиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.
Маската „Прилепски мечкари“ со целосниот обреден ритуал како посебност е заштитено нематеријално културно богатство од Министерството за култура уште од 2019 година.
– Се прават последните подготовки на карневалот. Отворено е пријавувањето на маските и за детскиот карневал в сабота и за централното карневалско дефиле в недела. Сето тоа е со цел карневалот да го има заслуженото место како културна манифестација што ги промовира традицијата и посебностите од ова поднебје. На најуспешните маски од изожбата в петок ќе им бидат доделени награди, како и на детскиот и на главното карневалско дефиле кога стручното жири ќе ги прогласи најдобрите маски. Радува фактот што се враќаат учесниците од другите градови и од соседните земји – рече Снежана Ристеска, советник за култура при локалната самоуправа во Прилеп.
Карневалската програма викендов ќе биде збогатена со настапи на жонглери, акробати, кловнови, пантомимичари. Рестораните и кафулињата ќе работат со продолжено работно време и секој ќе има организирано карневалска забава за гостите и посетителите.
Според традициите, в понеделник, во организација на здружението „Прилепски мечкари“, ќе се одржи посен ручек во манастирот „Свети Ѓорѓија“ во близина на Прилеп, со што ќе бидат одбележани чистиот понеделник и почетокот на велигденските пости.