Механизацијата на „Бехтел и Енка“ и на фирмата „Калина“, ангажирана од Општина Кочани, работи интензивно на средување на состојбата на Градската депонија во Кочани, објави општина Кочани, на официјалниот фејсбук профил.
-Службите известуваат дека денеска се искористени 900 тони земја за мешање со заостанатите количини отпад. Работите се насочени кон подготовка на теренот на депонијата за третман со алги. По доведувањето на ѓубриштето во состојба поволна за примена на природен третман на согорување, Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ ќе го повика економскиот оператор избран на тендер да ја спроведе договорената мерка што ќе го спречи натамошното аерозагадување, потенцираа во објавата.
-Конзорциумот „Бехтел и Енка“ одговори позитивно на упатениот повик од Општина Кочани до општествено одговорни компании за итна интервенција со механизација којашто ќе ја спречи еколошката катастрофа што му се закануваше на Кочани. Работите ќе продолжат сѐ додека целосно не се врати во нормала функционирањето на Градската депонија во Кочани, нотираште општина Кочани.