Во чест на 82 годишнината од загинувањето на народниот херој партизанот Христијан Тодоровски – Карпош, денеска кумановци, претставници од различни институции, политички партии, здруженија на граѓани положија свежо цвеќе пред бистата на партизанот во куќата-музеј на кумановскиот командант.
Христијан Тодоровски Карпош бил истакнат македонски народен херој и учесник во народноослободителната војна. Со својата револуционерна дејност и борбеност во текот народноослободителната борба тој оставил длабока трага во историјата на македонскиот народ, кажаа присутните на денешното одбележување.
– Со окупацијата во 1941 година Христијан активно се вклучува во подготовките за вооружено востание. По формирањето на воен штаб и извршените подготовки на 12 октомври 1941 година, излегуваат првите партизански одреди: Козјачки и карадачки партизански одред. Христијан е партизан на козјачки партизански одред кој излегол од местото Студена вода. Во август 1943 година со формирањето на кумановски партизански одред Карпош е поставен за командант на одредот, а на 1 декември 1943 година е поставен за командант на баталјонот „Јордан Николов Орце“. Како командант, водел значајни борби против окупаторски сили, покажувајќи исклучителна храброст, организаторски способности и пожртвуваност. Христијан Тодоровски Карпош загинал на 7 февруари 1944 година во село Билјача, во борба со бугарската војска и полиција, изјави директорката на НУ Музеј Куманово и историчар, Марија Живачки.
Неговата родна куќа денес е Куќа музеј и е значаен меморијален и културно историски објект, во кој се чуваат изложени предмети, документи и фотографии што сведочат за неговиот живот и дело и остануваат трајна вредност и историска меморија и почит. Куќата музеј на Христијан Тодоровски Карпош била отворена на 4 јули 1979 година. Претходно, со средства обезбедени од Министерството за култура, спомен куќата беше реновирана, а музејската поставка беше обновена со значајни историски експонати. Музејот е отворен за посетители секој работен ден.
Христијан Тодорвски Карпош за народен херој бил прогласен на 29 јули 1945-та година и тој еден од осумте народни херои на Куманово.