Најтранспарентната алатка при креирање буџет е партнерството со граѓаните, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
На денешниот Буџетски форум во Битола, Коњановски посочи дека негувањето на оваа јавна дебата овозможува транспарентност.
-Ние во контакт со граѓаните ги анализираме нивните размислувања и идеи, и ги имплементираме. Со четирите форуми полесно ќе го креираме локалниот буџет, а граѓаните ќе почувствуваат дека се испочитувани и дека нивните идеи се реализираат. Искуствата од минатите години се одлични, интересот е се поголем, а потврда за тоа се вклучените граѓани, граѓански организации, спортски друштва, претставници на културата и други претставници на јавниот живот на градот кои директно учествуваат на овој Форум. Ние како транспарентна општина, и ретка која во континуитет организира Буџетски Форум продолжуваме со негување на оваа важна алатка за животот на градот, истакна Коњановски.
Со првата сесија од Буџетскиот форум, Општина Битола почна и со креирање на буџетот за 2026 година, посочи Рубин Николоски, сертифициран модератор на ЗЕЛС за програмата „Форум на заедниците“.
-Општина Битола непоттикната од надворешен донатор реши по четврт пат да спроведе Буџетски форум како најтранспарентна, најодговорна и најефикасна алатка за креирање на буџетот. Тоа е директна демократија и партиципативност на граѓаните во процесот на донесување одлуки. Општината почна со планирање на проектната и буџетската визија и на тој начин граѓаните имаат директно право да предлагаат идеи за ликот на градот, истакна Николоски.
Во изминатиот период низ процесот „Буџетски форум“ во Општина Битола беа предложени, а потоа и реализирани повеќе проекти меѓу кои отворено лизгалиште на Широк Сокак, велосипедски патеки, бајк-парк Смолево, нова урбана опрема на Широк Сокак, отстранување на диви гаражи и урбанизирање на инфраструктурата во градот.