Комбинирани патроли одат во теренска посета на населените места во Гевгелија за заштита од пожари и справување со шумски пожари, а патролирањето почна вчера од селото Негорци, соопштија од Општина Гевгелија.
Оттаму информираат дека со тоа започнал да се спроведува уште еден од донесените заклучоци на координативниот состанок одржан на 17 јуни, со претставници на институциите за превенција и справување со шумски пожари на територијата на Општината.
-Патролата е составена од претставници на Општина Гевгелија, Дирекцијата за заштита и спасување, полициски службеници од МВР и Општинската организација на Црвен крст Гевгелија. При посетата беа остварени разговори со граѓаните за превентивните мерки кои треба да се преземаат за заштита на населението, а беше доставен и едукативен материјал и беше укажано на важноста секој еден граѓанин да се вклучи во кампањата и да даде свој личен допринос, се наведува во информацијата од локалната самоуправа.
Се додава дека патролите ќе продолажат со теренски посети и на останатите населени места во наредните денови како дел од мерките за превенција и заштита на граѓаните.