Република

Коцевски смета дека на Анкетната комисија не треба да се изнесуваат докази и искази за трагедиите

Коцевски смета дека на Анкетната комисија не треба да се изнесуваат докази и искази за трагедиите

„Сметам дека во овој момент не е целисходно да се водат две паралелни постапки и пред Анкетната комисија да се расправа за докази или да се даваат искази кои треба да бидат дел од кривична постапка.“

Ова е ставот на Јавниот обвинител Љупчо Коцевски откако претседателот на законодавниот дом Африм Гаши побарал републичкиот обвинител да се произнесе дали Анкетната комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Македонија, ќе влијае на постапката во обвинителството и судовите.

-Не би можел однапред да претпоставам како членовите и сведоците повикани пред Анкетната комисија планираат да ја излагаат својата аргументација пред Комисијата, меѓутоа доколку притоа бидат изнесувани докази и документи кои се поврзани со кривичните постапки кои се водат, постои опасност тие да се компромитираат, смета Коцевски кој додава дека за причините и одговорноста за непостапувањето или пропустите на институциите се водат постапки.

Во Собранието со 84 гласа „за“, беше донесена одлука за формирање на анкетна комисија која ќе ги опфати сите немили случаи и трагедии во кои изгубија живот 138 лица. Комисијата ќе ги опфати случаите со модуларната клиника во Тетово, автобуските несреќи кај Ласкарци и во Бугарија, како и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Од парламентарното мнозинство посочуваат дека со ваквата одлука покажуваат дека се први кои сакаат овие случаи да се расчистат и одговорноста — законска или политичка — да ја понесе секој што бил виновен за случувањето на трагедиите.

To top