Република Кавадарци

Кавадарци донираше цистерна за миење улици и јавни површини на Росоман

Општина Кавадарци е отворена општина, според податоците на Министерството за локална самоуправа, ние сме локална самоуправа со најмногу договори во делот на давање услуги спрема други општини и јавни институции. Помагаме секаде, подвлече Јанчев

Кавадарци донираше цистерна за миење улици и јавни површини на Росоман

Кавадарци преку Јавното претпријатие „Комуналец“, донираше цистерна за миење на улици и јавни површини, на општината Росоман.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев истакна дека ова е продолжување на големата соработка помеѓу Кавадарци и општината Росоман, произлезена од кавадаречката, во 1996 година, со територијалната поделба. Тој нагласи дека оваа цистерна ќе биде од големо значење за росоманската општина, во делот на одржувањето на хигиената и екологијата.

– Општина Кавадарци е отворена општина, според податоците на Министерството за локална самоуправа, ние сме локална самоуправа со најмногу договори во делот на давање услуги спрема други општини и јавни институции. Помагаме секаде, подвлече Јанчев во изјава за медиумите.

Тој додаде дека на општината Росоман ќе ѝ се помогне и кога станува збор за субвенции за росоманци при превоз до Кавадарци и назад, особено за пензионерите, како и при паркирањето на кавадаречките паркинг – места. Субвенционирањето ќе било од двете општини.

Росоманскиот градоначалник Ѓорѓи Крстевски се заблагодари за донацијата на осумтонската цистерна и соработката и поддршката.

– Ова е од огромно значење за Росоман, бидејќи досега немавме ваква цистерна и ги користевме услугите на кавадаречки „Комуналец“. Во иднина преку нашето јавно комунално претпријатие, ќе ги извршуваме и овие дејности. Ќе набавиме и уште една цистерна со приклучна механизација, рече Крстевски.

Претседателот на Совет на Општина Кавадарци, Стојанче Рамов додаде дека Општина Кавадарци е центар на овој Тиквешки регион и дава поддршка на сите општини од регионот. Росоман, Неготино, Демир Капија.

– Тука не се делиме на мали и големи. Заеднички и во иднина ќе лобираме кон централната власт, која и во изминатиот период вложува во инфраструктура во регионот, да вложува и понатаму во овие општини што имаат одлична соработка. Заедништвото води кон уште подобра иднина, истакна Рамов.

To top