Република Тетово

Касами: Ќе продолжи да се работи на реконструкција на стадионот

Со овој проект, имаме за цел да создадеме модерен амбиент, кој не само што ќе ги подобри условите за развој на спортот, туку ќе ја одразува и енергијата и страста на нашиот град, се вели во изјавата на Касами

Касами: Ќе продолжи да се работи на реконструкција на стадионот

Општина Тетово информираше дека денеска градоначалникот Биљал Касами се сретнал со сопственикот на компанијата „Еколог”, Љазим Дестани, на која се дискутирало за проектот за новиот стадион во градот. Најавија дека во соработка со компанијата „Еколог”, ќе се продолжи да се работи на реализација на овој проект, со цел градот да има стадион достоен за своите амбиции и потенцијал.

-Овој проект претставува една од најзначајните иницијативи за нашиот град и е многу повеќе од само физичка реконструкција. Тој е симбол на нашата посветеност кон развојот и напредокот на тетовската заедница. Стадионот во Тетово со децении беше простор каде нашите граѓани ги доживуваа своите емоции, успеси и гордост. Со овој проект, имаме за цел да создадеме модерен амбиент, кој не само што ќе ги подобри условите за развој на спортот, туку ќе ја одразува и енергијата и страста на нашиот град, се вели во изјавата на Касами, која ја пренесе општината до јавноста преку соопштение.

Од општината посочуваат дека проектот за новиот стадион претставува пример за успешна соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор.

-Оваа градба е инвестиција во иднината на тетовската младина и чекор кон повисоки стандарди за благосостојба и социјален развој на градот.Проектот за новиот стадион, исто така, претставува јасен пример за успешна соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор, каде благодарение на заедничката посветеност, му даваме живот на еден важен проект кој ќе служи како симбол на единството и напредокот на нашата заедница. Оваа иницијатива е само почеток на едно ново поглавје за нашиот град и за сите граѓани на Тетово, порачува Касами.

Општина Тетово во април годинава на самиот стадион, презентираше нов изглед на објектот, а градоначалникот сам рушеше дел од трибините. Во ноември 2023 Општина Тетово преку јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ го распиша тендерот, по што договорот со фирмата „Е-проперти“ се направи во март 2024 година. Предмет на договорот за јавна набавка е со проценета вредност од околу 600 милиони денари или околу 10 милиони евра. По рушење на една од трибините, градежните работи беа стопирани.

Најнови вести од Република

To top