Република НУ Центар за култура Крива Паланка

Јубилејн 20 Меѓународен фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка

Фестивалот ќе се издигне на нивото на најреномираните фолклорни манифестации во земјата и регионот, рече директорот на НУЦК Крива Паланка, Сашко Додевски.

Јубилејн 20 Меѓународен фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка

Од утре до среда во Крива Паланка ќе се одржи дваесеттиот Меѓународен фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ на кое ќе настапат над стотина учесници од шест Европски земји: Романија, Кипар, Турција, Црна Гора, Србија и Македонија.

Фестивалот ќе се одржи на градскиот плоштад во Крива Паланка, се организатор е Национална установа Центар за култура Крива Паланка.

-Со особена чест и задоволство годинава го одбележуваме јубилејното 20-то издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, кој во изминатите две децении се изгради како еден од најпрепознатливите културни настани во регионот. Сите изминати години на фестивалот учествуваа учесници од бројни земји: нашите соседи Србија и Бугарија, како и од Турција, Северен Кипар, Полска, Словачка, Романија, Белгија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, но и реномирани ансамбли од речиси сите краеви на нашата убава Македонија. Нивното учество претставува доказ дека фестивалот е вистинска сцена за културна размена, зближување на народите и афирмација на богатото фолклорно наследство.

Во изминатите години, Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ стана симбол на традицијата, автентичноста и културниот дијалог.

Водени од овој успех, нашата цел во иднина е уште поголема: унапредување на фестивалот и воспоставување нови партнерства, проширување на соработката и привлекување фолклорни групи од уште повеќе држави. Со тоа, фестивалот ќе се издигне на нивото на најреномираните фолклорни манифестации во земјата и регионот, рече директорот на НУЦК Крива Паланка, Сашко Додевски.

Според него, овој фестивал не е само место каде се негува македонскиот фолклор, традиција и култура, туку мост што нѐ поврзува со светот, промовирајќи ја нашата уникатност, национален идентитет и културно богатство на меѓународната сцена.

-Им благодарам на сите учесници, поддржувачи и љубители на фолклорот што се дел од оваа приказна која ја пишуваме заедно и ги поканувам моите сограѓани, жителите на соседните градови и секако сите љубители на културата и фолклорот,да бидат гости на Крива Паланка,да го проследат фестивалот и да уживаат во богатата културна програма на општината, како “Шоско село”, што се одржува во деновите на одржување на фестивалот, во центарот на градот,со традиционални занаети, ракотворби, специјалитети од македонската традиционална кујна, што од година во година сѐ повеќе привлекуваат туристи, додаде Додевски.

Првите две фестивалски вечери започнуваат во 18 часот,со дефиле од различни краеви на градот, додека сите три дена од 25 до 27 август, централната програма започнува во 19 часот.

Од 20 часот и 30 минути утревечер во рамки на фестивалот и програмата на Кривопаланечко културно лето ќе настапи Александар Јовески со „Од колено на колено“, во вторник во истиот термин, настапува Сашко Митев со „Од изворот“ додека на последната фестивалска вечер на програмата е концерт на Андријана Јаневска со „Митан проект“.

Фестивалот има и автентичен дизајн на логото и фестивалските плакати низ годините, чијшто автор е познатиот кривопаланечки графички дизајнер и хералдичар, Стојанче Величковски.

To top