Јавното претпријатие „Куманово гас“ одбележа дваесет години постоење. Претпријатието ја движи локалната економија и е клучен фактор за намалување на аерозагадувањето, беше посочено на настанот на кој беа презентирани почетоците и развојот на претпријатието. Раководството најавува интензивирање на инвестициите и проширување на мрежата за гасификацијата да стане достапна за што поголем број институции и компании.
-Има простор за работа, имаме поддршка од Владата, Министерството и општината. Очекуваме да се искачуваме едно скалило погоре и да стигнеме до секоја институција. Мисијата е да се обезбеди сигурна и ефикасна услуга за сите-изјави директорот Марко Митровски.
Во наредниот период се планира приклучување на повеќе јавни установи, Здравствениот дом, училиштата „Вук Караџиќ“ и „Наим Фрашери“, како и градинката „Синоличка“. Предвидена е и изградба на нова дистрибутивна мрежа кон индустриската зона Речица.
– Планирани се нови приклучоци, нова мерно-регулациска станица и доекипирање со стручен кадар, што ќе значи поквалитетна услуга кон потрошувачите. Најдоброто допрва доаѓа кажа Митровски.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски зборувајќи за почетоците рече дека во деведесеттите Куманово го имаше „ФЗЦ Куманово“ и тогашните добростоечки фабрики кои имале потенцијал и капацитет да трошат гас. По идејата и формирањето 2006, во 2011 прв корисник на гас, бил старскиот дом.
-Верувам дека со поголеми финансиски средства ќе успееме со гасификација. Општина Куманово вложи околу 2, 5 милиони евра последниве години, но сега вреди петпати повеќе. Ги потрошивме на ширење на мрежата. Ќе бараме стратешки партер кој ќе шири, развива и ќе ја постигне стратешката цел, еколошки да се исполнат стандардите во делот на намалување на аерозагадување. Општина Куманово вложува во проектни задачи, плативме компании, нацртаа проекти согласно можностите ја шириме мрежата. Потребни се пари да се инвестираат во долгорочна инвестиција која ќе се врати-рече Димитриевски.
Од централната власт, сметаат дека „Куманово гас“ се позиционира како важна алка во поширокиот енергетски систем. Заменик-министерот за енергетика Мирослав Лабудовиќ истакна дека развојот на локалните дистрибутивни мрежи е директно поврзан со националните цели.
-Куманово гас е важна алка во македонскиот енергетски систем. Дел е од пошироката слика за тоа како ја градиме енергетската иднина, со повеќе извори, повеќе сигурност и повеќе развојни можности-рече тој.
Според него, природниот гас има значајна улога во подобрувањето на квалитетот на воздухот и зголемувањето на бројот на корисници, што е дефинирано во националните енергетски документи. Природниот гас, како што кажа, обезбедува стабилност, флексибилност и сигурност додека се развиваат сончевите и ветерните капацитети. Тој нагласи дека државата работи на интерконциското поврзување, интерконекторот со Грција чија изградба почна 2025. Заменик министерот нагласи дека и интерконекторот со Србија се третира како важен проект, кој дополнително ќе ја зацврсти Македонија на енергетската мапа на Балканот.
Лабудовиќ рече дека енергетската независност придонесува за намалување на енергетска сиромаштија, којашто се победува со визија, инвестиции, инфраструктура, стабилни цени, сигурност и храбра државна политика, што обезбедува конкурентност и развој. Надлежните сметаат дека успехот на претпријатието зависи од обезбедување на инвестиции, надминување на пазарните ризици.