Голем интерес владее меѓу дебрани по објавениот оглас на Министерството за транспорт, со кој, во Дебар, треба да бидат распределени 47 социјални станови.
-До денеска имаме примено 66 барања, но овој број очекуваме да биде поголем, имајќи в предвид дека огласот, кој беше објавен на 27-ми минатиот, трае до 30-ти овој месец. Станува збор за распределба на 47 социјални станови со површина од 34 до 54 квадратни метри, рече за МИА, Арлинда Муладаути-Телќиу, директорка на Меѓуоштинскиот центар за социјална работа.
Додава дека објектот е изграден по Програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Северна Македонија, а согласно рамковниот договор за заем склучен меѓу Банката за развој при Советот на Европа и Република Северна Македонија.
Според неа, барање за добивање на социјален стан за користење под закуп може да поднесе лице, државјанин на Република Северна Македонија, со постојано место на живеење во општината, како и лице кое е без стан во лична сопственост, на брачниот другар и на полнолетните членови на неговото заедничко домаќинство на територијата на државава, а да припаѓа на категориите кои се наведени во огласот.
– Поконкретно, корисници на социјални станови може да бидат следните категории на граѓани кои се станбено необезбедени и тоа деца без родители или родителска грижа – лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители, корисници на правото на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни-природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, како и лица припадници на ромската заедница, нагласува таа.
Посочува дека заинтересираните за сите потребни информации може да се јават во просториите на центарот, додавајќи дека становите ќе се распределуваат согласно методологијата за бодирање на кандидати за добивање на социјален стан под закуп и порачува дека становите ќе бидат распределени на фер и транспарентен начин.