Пуштени во функција се сите чешми кои се наоѓаат на јавна површина на територија на Општина Штип.
Директорот на ЈП „Исар“ Кирил Зајков денеска рече дека на високи температури треба и може да се користат од страна на граѓаните, но не и да се уништуваат. Тој упати апел до граѓаните да не ги уништуваат чешмите, да ги користат рационално.
-Дополнително преку нашите социјални медиуми апелиравме до граѓаните и секојдневно тоа го правиме да се грижиме за нив, бидејќи чешмите поставени на јавна површина се за сите граѓани. Морам да бидам искрен и да посведочам дека секојдневно се соочуваме со уништување на јавните чешми, со кршење, неконтролирано користење на водата и слично. Затоа апелирам до граѓаните дека јавните чешми се чешми за сите нас, тие се поставени на јавна површина за да ни помогнат да се разладиме во овој период од годината кога температурите се екстремноо високи, вели Зајков.
Чешми на јавни површини има во централното градско подрачје, но и во останатите приградски штипски населби. Истовремено, чешми се поставени и на градските гробишта и тие постојано се проверуваат и сервисираат.
-Во сите поголеми паркови во населбата Сењак, во Осми Ноември, во населбата Баби, кај Основното училиште „Ванчо Прќе“, на плоштадот „Слобода“ имаме поставено чешми. Повторно напоменувам дека сите тие чешми ние секојдневно ги проверуваме, рече Зајков.
Сите дефекти кои се забележани од страна на ЈП „Исар“ или се пријавени од страна на граѓаните се санирани. (МИА)